Новиот претседател на Полска би можел да ги влоши односите со Русија

Новиот полски претседател Анджеј Дуда во текот на кампањата го застапуваше ставот дека на Полска ѝ е потребно да најде сојузници за да им се спротивстави на Русија и Германија кои, според него, сакаат да ја искористат Варшава за сопствени цели и да ја „поделат Полска“, пренесува „Взгљад“.

Нов претседател на Полска е претставникот на опозициската партија „Закон и правда” Анджеј Дуда со 52% гласови. 

Анджеј Дуда во текот на кампањата го застапуваше ставот дека на Полска ѝ е потребно да најде сојузници за да им се спротивстави на Русија и Германија кои, според него, сакаат да ја искористат Варшава за сопствени цели и да ја „поделат Полска“. Тој исто така изјави дека „современа Русија, која отворено ги крши нормите на меѓународното право, нема ништо заедничко со демократија“.  

Новиот претседател на Полска повеќепати истакнуваше дека е неопходно меѓународните организации да бидат сложни кога се работи за односите со Русија. Според неговото мислење, „Полска не треба да влегува во конфликт со Русија, затоа што тоа не е неопходно... Потребно е да се покренат иницијативи кои ќе ја зајакнат нашата безбедност“, повеќепати истакна полскиот политичар. Притоа меѓу мерките за јакнење на безбедноста тој предложи отворање на НАТО-бази на територијата на Полска.    

Директорот на Европскиот центар за геополитичка анализа Матеуш Пискорски смета дека доаѓањето на Анджеј Дуда на власт нема да донесе „затоплување“ во односите меѓу Русија и Полска. Можно е токму спротивното. „Реториката на Анджеј Дуда, во споредба со реториката на Бронислав Коморовски, ќе биде многу повеќе антируски ориентирана и милитантна“, убеден е овој стручњак. „Коморовски, како и неговата „Граѓанска платформа“, го земаа предвид мислењето на главните играчи во Европската унија, на пример, на Германија. Односот на Берлин спрема украинската криза, како и спрема кризата во европско-руските односи, е поумерен од односот на други земји, и тоа за Коморовски беше значаен фактор“, истакнува експертот, а пренесува „Взгљад”.

Меѓутоа, партијата „Закон и правда” која ја претставува Анджеј Дуда, е директно врзана со САД, истакнува Пискорски. „Може да се каже дека таа ги претставува интересите на Вашингтон во Полска. Оваа партија го повикува американското раководство да отвори воени бази во земјата и од земјите на Западна Европа, на пример, од Германија, да ги префрли во Полска. Во периодот од 2005 до 2007 година, кога оваа партија беше на власт, таа предизвика тешка криза во полско-руските односи, иако тогаш немаше никакви надворешни дестабилизирачки фактори какви што има денес, како што е ситуацијата во Украина“, истакнува експертот.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.