Поканата од Москва за членство во Новата развојна банка на БРИКС (НРБ) дојде како „пријатно изненадување“ за Грција со оглед на фактот дека земјата не сака да ја ограничи својата надворешна политика само на ЕУ и членство во Еврозоната, изјави во четвртокот за „Спутник“ извор во грчката влада.
„Тоа беше пријатно изненадување“, изјави изворот, нагласувајќи дека надворешната политика на Грција е „многу диверзифицирана“.
„Ние сме членки на Европската унија и Еврозоната, но истовремено признаваме и дека има исто така други сили во светот и ние ќе ги донесуваме нашите одлуки земајќи ги предвид нашите сопствени интереси додека ги исполнуваме обврските што ги имаме во други меѓународни организации во кои учествуваме“, изјави изворот.
Во понеделникот, владејачката партија во Грција „Сириза“ објави соопштение во кое се вели дека Русија ја поканила Грција да стане шеста членка на НРБ. Поканата била дадена од заменик-министерот за финансии на Русија Сергеј Сторчак во текот на телефонскиот разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Според соопштението на „Сириза“, Ципрас го примил предлогот со заинтересираност и ветил дека детално ќе го разгледа.
Изворот во грчката влада изјави за „Спутник“ дека Ципрас ќе има можност да дискутира за потенцијалното грчко членство во банката со лидерите на БРИКС во Санкт-Петербург, каде ќе учествува во Економскиот форум што ќе се одржува од 18-20 јуни.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче