Државниот секретар на САД Џон Кери во текот на разговорите во Сочи му пренесе на претседателот на Русија Владимир Путин поздрав од американскиот претседател Барак Обама, соопшти помошникот на шефот на руската држава Јуриј Ушаков.
Ушаков истакна дека претседателот на САД го „интересирало“ дали Путин ќе го прими Кери.
Разговорот што се одржа меѓу Путин и Кери не е некаков пробив во односите, но означува дека Русија и САД треба да се вратат на нормална соработка. Путин се раководеше од интересот за враќање на меѓусебните односи меѓу САД и Русија во нормален тек, истакна помошникот на шефот на државата. Тој додаде дека прашањето за билатерална средба меѓу претседателите на Русија и САД Владимир Путин и Барак Обама не било дискутирано, сепак можност за средба на двајцата лидери постои.
Ушаков соопшти дека долготрајните и искрени разговори со Кери имале деловен карактер и биле добронамерни. „Разговорите беа долготрајни, отворени. Имаа добронамерен карактер. (...) Државниот секретар искажа искрена благодарност во врска со уделот на Советскиот Сојуз во победата во Втората светска војна“, изјави Ушаков, пренесува РИА „Новости“.
„Државниот секретар пренесе поздрав од Обама. Истакна дека Обама многу бил заинтересиран нашиот претседател да го прими државниот секретар“, рече Ушаков.
Како што изјави Ушаков, вториот дел од разговорот бил неформален. Според неговите зборови, за проширување на „Нормандискиот формат“ на средбата не се зборувало.
Ушаков исто така изјави дека многу детално била дискутирана украинската тема во текот на разговорите, вклучително и опцијата на поцврста заедничка работа на САД и Русија. Москва се залага за најскоро започнување на дијалог меѓу Киев и доброволците, САД ветиле дека ќе го разгледаат овој предлог.
„Имаше размена на мислења за сите клучни прашања од современата меѓународна агенда. Значително место имаше дискусијата на украинска тема. Од наша страна беа дадени оценки за причините за настанувањето на украинската криза. Беше истакнато дека Русија се стреми кон целосно прогресивно исполнување на Минската спогодба“, изјави тој.
Според Ушаков, на средбата било разговарано и за Иран, Сирија, Јемен, прашања во врска со разоружувањето, севернокорејската проблематика, борбата со тероризмот.
Средбата на Путин и Кери и шефот на МНР Русија Лавров траеше четири часа. Првично беше планирано разговорот да трае час и половина, пренесува ТАСС.
Пред пристигнувањето на Кери, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека Москва позитивно го оценува доаѓањето на државниот секретар на САД во Русија. Песков потенцираше дека изградбата на односите е можна само преку дијалог.
Зборувајќи за агендата на средбата, тој ја опиша како широка, истовремено истакнувајќи дека темата за санкциите нема да биде дискутирана.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче