„Вашингтон Пост“: Западот имаше среќа што СССР даде најмногу жртви

Западот не треба да заборави на огромните жртви и хероизмот на советскиот народ што ги покажа во текот на Втората светска војна, пишува новинарот Ишан Тарур за „Вашингтон Пост“.

И покрај влошувањето на односите со Москва, Западот не треба да заборави на огромните жртви и хероизмот на советскиот народ што ги покажа во текот на Втората светска војна, пишува новинарот Ишан Тарур за „Вашингтон Пост“, истакнувајќи дека Советскиот Сојуз за победата плати огромна цена и дека без учеството на Советскиот Сојуз ќе беше невозможно да се порази непријателот.

Влошувањето на односите со Москва нѐ спречува да ја согледаме величината на она што оваа година го слави цела Русија. Советскиот Сојуз ја одигра можеби најзначајната улога во победата на Сојузниците над Хитлер. Бројките покажуваат дека на секој убиен Американец доаѓаат 80 советски борци.

Црвената армија беше „главниот двигател за ликвидација на нацизмот“, ги цитира новинарот зборовите на британскиот новинар и историчар Макс Хејстингс. И Советскиот Сојуз плати за тоа огромна цена. Во текот на Втората светска војна загинаа околу 26 милиони граѓани на Советскиот Сојуз, вклучувајќи 11 милиони војници.

Според мислењето на Хејстингс, западните сојузници „имале многу среќа“ затоа што токму Русите, а не тие, речиси во целост ја платиле цената на победата во војната со тоа што претрпеле 95% од воените загуби на трите големи сојузнички држави. На Западниот фронт воопшто немало борби кои според големината би можеле да се споредат со Сатлинградската или Курската битка.

Хитлер ја гледал територијата на Источна Европа како идно место за живот на Ариевската раса, што предизвикало систематски обиди да се уништат цели групи население, на пример, милиони европски Евреи. „Хитлер не само што сакаше да ги убие сите Евреи, туку и да ги уништи Полска и Советскиот Сојуз, да ја ликвидира нивната владејачка класа и убие десетици милиони Словени“, ги цитира авторот на статијата  зборовите на историчарот Тимоти Снајдер.

До 1943 година Советскиот Сојуз изгуби околу 5 милиони војници и околу две третини од својата индустрија поради напредувањето на нацистите, и затоа фактот дека оваа земја успеа да направи пресврт на текот на војната и да ги протера Германците сведочи за храброста на советските војници и шокантно високата цена што тие мораа да ја платат, се наведува во статијата. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња