Путин по средбата со Меркел: Западот да престане да живее со фобии од минатото

Претседателот на РФ Владимир Путин по денешната средба со канцеларката на Германија Ангела Меркел во Москва изјави дека постојат проблеми меѓу Русија и Германија кои треба што побрзо да се решат.

Претседателот на Русија Владимир Путин смета дека е неопходно колку што е можно побрзо да се решат постојните проблеми меѓу Русија и Германија.

„Денес постојат извесни проблеми. Колку побрзо тие проблеми престанат да имаат негативно влијание на развојот на односите, толку подобро ќе биде“, изјави шефот на руската држава на средбата со канцеларката на Германија Ангела Меркел во Кремљ.

Путин увери: „Ние ќе се стремиме кон тоа (решавање на проблемите).

Исто така, тој истакна дека ние, како што знаете, многу направивме односите меѓу Русија и Германија да се развиваат денес колку што е можно поуспешно и многу постигнавме со тоа“.

„Се надевам дека во текот на нашата денешна средба ќе успееме да поразговараме и за билатералните односи, и за развојот на односите со Европската унија во целина. И, се разбира, за проблемите кои денес се најгорчливи сега, вклучително и за ситуацијата во Украина“, изјави тој.

Канцеларката на ФРГ беше задоволна од можноста да дискутира во Москва со претседателот на Русија Владимир Путин за односите меѓу РФ и ЕУ, како и за ситуацијата во Украина.

„Добро е што денес се сретнавме во Москва, за да ги разгледаме нашите билатерални односи меѓу Русија и ЕУ и, се разбира, за поддршката на територијалниот интегритет на Украина“ изјави таа на средбата со претседателот на РФ Владимир Путин.

Канцеларката на Германија ја истакна важноста на решавањето на постојните проблеми по дипломатски пат. Според Меркел, Германија од своето горчливо искуство извлече поука: „Ние треба да работиме, да соработуваме и во сложени ситуации, како сегашната и да се трудиме да постигнуваме дипломатски решенија“.

Меркел исто така се заблагодари за можноста да им оддаде почит на загинатите во Втората светска војна. „За мене беше важно да дојдам денес по повод 70-годишнината од Победата да им оддадам почит на загинатите луѓе од тогашниот Советски Сојуз“, истакна таа.

На прес-конференцијата по средбата, Владимир Путин го повика Киев да ја прекине економската блокада на Донбас, и исто така изрази увереност во потребата од директен дијалог меѓу страните во конфликтот во Украина.

Тој истакна и дека по потпишувањето на Минската спогодба во Украина станало помирно, иако проблемите остануваат.

Владимир Путин е убеден дека мирното и дипломатско решение за кризата во Украина нема алтернатива.

Исто така, Путин ги повика западните земји да применуваат еднакви критериуми кои се базираат на нормите на меѓународното право за оценување на случувањата во светот.

„Ние треба да имаме општи критериуми за оценување и реакција на настаните што се случуваат во светот – еднакви, според еднакви правила“. „Треба да утврдиме на крајот на краиштата не право на посилниот и право на сила во меѓународните работи, туку норми на меѓународното право, подеднакво разбирливи, применливи и заштитени од целата меѓународна заедница“, истакна тој.

Владимир Путин повика Западот да го гради системот за безбедност во светот на вонблоковска основа, да не живее со фобии од минатото, туку да гледа во иднината.

„Вистински ефикасен систем на безбедност може да биде изграден на вонблоковска основа. На основа на обезбедување еднаков пристап до безбедноста на сите учесници во меѓународната комуникација“, убеден е шефот на руската држава.  „Доколку ние успееме да ја направиме работата на тој начин врз база на ООН, ми се чини, би постигнале успех“, потенцираше тој.

Од друга страна, канцеларката на Германија Ангела Меркел се осврна на односите меѓу ЕУ и РФ.

„Станува збор за појаснување на прашањата за Спогодбата за асоцијација (Украина-ЕУ)“, додаде Меркел.

„Економските простори на ЕУ и РФ треба чекор по чекор да се зближуваат. Ние имаме добри причини за да работиме на тој проект и билатералните односи меѓу Русија и Германија добро да се вклопат во тој контекст“.

Со посетата на Москва Меркел сакала да покаже дека Берлин работи заедно со Русија, а не против неа.

„Нам ни претстои уште многу работа. Треба да се реши прашањето со граѓанската војна во Сирија, од нас многу се очекува“.

„Со својата денешна посета сакав да покажам дека работиме со Русија, а не против неа“, истакна Меркел. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња