Песков: Русија не смета на релаксација на односите со САД до 2016 година

Како што покажува историјата, предизборните трки во САД обично лошо се одразуваат на руско-американските односи, затоа Москва ќе ги чека резултатите од изборите во 2016 година, изјави портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков во интервју за телевизијата „Ен-Би-Си Њуз“.

Москва смета на воспоставување вистинска соработка со Вашингтон, заснована на рамноправност. Ова го изјави портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков во интервју за американската телевизија „Ен-Би-Си Њуз“.

„Ние сѐ уште сметаме на заздравување на нашите односи по периодот на замрзнување што го преживуваме денеска. Сметаме на воспоставување вистинска соработка заснована на рамноправност, и на тоа дека ќе ги земаме предвид интересите на другиот“, истакна Песков.

Тој одговори потврдно на прашањето дали Кремљ ги чека изборите за претседател на САД во 2016 година за да станат возможни тие промени. „Доколку ја погледнеме историјата на односите меѓу Москва и Вашингтон, секојпат во текот на изборите, за жал, најчесто нашите билатерални односи стануваат жртва на предизборните политички игри. Ние сакаме да веруваме дека кој и да биде избран на функцијата американски претседател, тој ќе се труди да ги обнови нашите билатерални односи. Барем ние ќе бидеме подготвени за тоа“, изјави портпаролот на претседателот на РФ.

Песков  потенцираше дека резултатот од изборите за претседател на САД се „работа на Америка“. „Ние категорично се залагаме против кога Америка ни кажува кој треба да биде наш следен претседател и ние никогаш нема да го пикаме носот во вашите работи“, одговори тој.

Тој исто така ја коментираше ситуацијата со Парадата на Победата во Москва, кога многумина европски лидери одбија да присуствуваат на неа. „Ние треба да избегнуваме ситуации кога во разни европски главни градови американските амбасадори им одат на претседателите и им кажуваат што треба да прават, а што да не прават во односите со Руската Федерација. Земјата која се смета себеси за суверена и независна, никогаш нема да го трпи тоа“, изјави Дмитриј Песков.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња