Во Москва се одржа Парадата на Победата

Дефилето на војници, техника и воздухоплови по повод 70-годишнината од Победата над фашизмот беше најголемото дефиле во руската историја.

Јубилејната Парада на Победата стана една од најголемите во целата историја на празникот. Многу моменти во врска со организацијата беа чувани во тајност до последен момент.

Свечениот марш на војници и техника од трибината во центарот на Москва го следеа над две илјади ветерани од Големата Татковинска војна, како и делегации од 27 земји во светот.

Во свеченото дефиле на Црвениот плоштад учествуваа над 16 илјади војници, вклучително и десет парадни единици на вооружените сили на земји-членки на ЗНД и пријателски држави - Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргизија, Таџикистан, Индија, Монголија, Србија и Кина.

На јубилејната парада во Москва првпат беа претставени најнови примероци на оружје и воена техника - БМД-4М, повеќенаменскиот оклопен транспортер „Ракушка“, мобилниот копнен ракетен систем „ЈАРС“, како и оклопна техника произведена на платформите „Армата“, „Курганец“ и „Бумеранг“.

Воздушниот дел од парадата го отвори командантот на ВВС Русија Виктор Бондарев кој пилотираше со суперсоничниот стратешки бомбардер за Ту-160, попознат како „Бел лебед“. Учествуваа и пилотските групи „Руски витези“ и „Стрижи“ кои го демонстрираа познатиот „кубански брилијант“ со девет ловци Су-27 и МиГ-29.

Првпат над Црвениот плоштад прелетаа најновите ловци од генерацијата „4++“ Су-35 и Су-30, модернизираните јуришни хеликоптери Ми-35М и школските хеликоптери „Ансат-У“.

На свеченоста присуствуваа 27 шефови на држави и влади – претседателот на Кина Си Ѓинпин, претседателот на Венецуела Николас Мадуро, лидерот на Индија Пранаб Мукар Мукерџи, претседателот на ЈАР Џејкоб Зума, претседателот на парламентот на Северна Кореја Ким Јун Нам, како и лидерите на Куба, Македонија, Кипар, Словачка, Зимбабве, Палестина, Виетнам, Египет и на Босна и Херцеговина, како и на мнозинството земји-членки на ЗНД.

На Парадата на Победата присуствуваа и генералниот секретар на ООН Бан Ки Мун и директорот на УНЕСКО Ирина Бокова.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.