Белград не се откажал од учество во изградбата на гасоводната инфраструктура за „Турски тек“, но смета дека наведениот проект нема да може да биде целосна замена за „Јужен тек“, изјави претседателот на Србија Томислав Николиќ во амбасадата на својата земја во Москва, пренесува РИА „Новости“.
„Се разбира, нам ни треба гас. Ако во 2018 година Русија ја прекине испораката на гас низ Украина, ние ќе станеме без гас. Тоа (Турски тек) би било алтернатива, но јас само реков дека тоа не е адекватна алтернатива“, изјави Николиќ.
Николиќ потсети дека набрзо по откажувањето на проектот „Јужен тек“, кој беше „голема шанса“ за Србија да заработи од транзитот на гас, се појави планот за изградба на „Турски тек“. „Ние никогаш не сме кажале дека не го сакаме тоа“, истакна претседателот на Србија, додавајќи дека неговата земја позитивно се однесува на новиот проект. Се разбира, ќе се радуваме доколку овој „Турски тек“ биде направен“, изјави Николиќ.
Истовремено тој го постави прашањето ќе може ли „Турски тек“ да влезе во ЕУ низ Грција, зашто „Јужен тек“ е можеше да влезе преку Бугарија. „Доколку има договор, тогаш „текот“ ќе излезе на грчката граница. И тогаш тој ќе зависи од Европската комисија, од енергетската спогодба, од тоа дали соодветствува овој „тек“ на условите на кои не соодветствуваше „Јужен тек“, изјави Николиќ.
Претходно руските медиуми објавија цитати од изјавите на претседателот на Србија во кои тој ја исклучи можноста за реализација на гасоводот како продолжение на „Турски тек“ на територијата на Србија. Исто така беше објавено дека Николиќ изјавил дека неговата земја по влегувањето во ЕУ ќе биде обврзана да ја следи заедничката политика на Унијата и да им се придружи на антируските санкции.
Подоцна од кабинетот на српскиот претседател беше негиран дел од објавените изјави. А самиот Николиќ изјави дека врската меѓу Русија и Србија е цврста и им одолева на многубројните современи искушенија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче