Претставници на највисокото воено раководство на поранешната ДРГ испратија до амбасадите на земјите од НАТО отворено писмо со апел да запре „воената хистерија и русофобијата“. Текстот на писмото под наслов „Војници за мир“ е објавен на сајтот на германскиот весник „Јунге Велт“ (Junge Welt).
„Ние добро знаеме што е тоа војна и се залагаме за мир“, се вели во писмото. Обраќањето е потпишано од поранешните министри за одбрана на поранешната ДРГ Хајнц Кеслер и Теодор Хофман, три генерал-полковници, 19 генерал-потполковници, 61 генерал-мајори, меѓу кои е и космонаутот Зигмунд Јен, неколку адмирали, како и полковници и капетани. Писмото ќе биде испратено до Бундестагот и амбасадите на земјите во НАТО.
70 години по завршувањето на војната во која загинаа 27 милиони советски граѓани, војната повторно стана придружник на човештвото, се истакнува во обраќањето. „Престројувањето на светот под раководство на САД и нивните сојузници доведе до војните во Југославија и Авганистан, Ирак, Јемен и Судан, Либија и Сомалија“, се потенцира во писмото.
Германските воени лица истакнуваат дека стратегијата на САД е насочена кон „отстранување на Русија како конкурент и ослабување на Европската унија“. А обидот Украина да се направи членка на ЕУ и НАТО, според нив, зборува за намерата да се создаде „санитарен кордон од Балтикот до Црното море со цел да се изолира Русија од остатокот на Европа“, што ќе го направи невозможен сојузот меѓу Русија и Германија.
Потписниците на писмото исто така ги истакнуваат и „невидената кампања во медиумите“, „воената хистерија и русофобијата“. Според нив, тоа ѝ противречи на онаа дипломатска улога која би можела да ја игра Германија, имајќи ги предвид нејзините „геополитичка положба, историското искуство и објективните интереси на народот“.
„Бидејќи ние многу добро знаеме што е тоа војна, се залагаме за мир“, пишува во писмото. „Нам не ни треба воена агитација против Русија, туку заемно разбирање и мирен соживот. Нам не ни треба воена зависност од САД, туку сопствена одговорност за мир“.
„Како воени лица ние добро знаеме дека војната не треба да биде инструмент на политиката. Поаѓајќи од нашето искуство, ние можеме добро да ги процениме последиците за цела Европа“, изјави на прес-конференција поранешниот министер за одбрана на поранешната ДРГ адмирал Теодор Хофман. Според него, многумина од потписниците на писмото биле сведоци на Втората светска војна. Тој исто така истакна дека клучните проблеми на современоста можат да бидат решени само во соработка со Русија.
„Искуството покажува дека е подобро да им бидеш на Русите пријател отколку непријател“, додаде Хофман.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче