„Вашингтон Пост“: САД се обиде да им помогне на Русите по распадот на СССР

Американскиот весник пишува дека тврдењата на Путин за тоа дека потезите на Западот имаат цел да ги „срушат власта и влијанието на Русија“ се свесни невистини.

„Вашингтон Пост” објави коментар на уредувачкиот колегиум на недамнешните изјави на претседателот на Русија Владимир Путин во кој весникот тврди дека тие изјави се израз на неговата „длабоко вкоренета параноја“. Како што пишува американскиот весник, тврдењата за тоа дека потезите на Западот имаат цел да ги „срушат власта и влијанието на Русија“ се свесни невистини.

Претходно претседателот на Русија Владимир Путин на колегиумот на Федералната служба за безбедност изјави дека „продолжуваат обидите на западните тајни служби за свои цели да ги искористат невладините организации и политизираните здруженија за да ја дискредитираат власта и да предизвикаат дестабилизација на внатрешната ситуација во Русија“. Освен тоа, во документарниот филм „Претседател“ Путин изјави дека Западот сака кога Русија „проси со испружена рака“.

Американскиот весник пишува дека илјадници Американци доаѓале во Русија за да му помогнат на народот на таа земја да се избори за подобар живот. Обидите на Западот последните 25 години, на кои САД и Европа потрошиле милијарди долари, имале цел да ѝ помогнат на Москва да го совлада „ужасното наследство“ на советскиот комунизам кој ја „остави на колена“ Русија во 1991 година, пишува во статијата. Како што се истакнува во изданието, не станувало збор за „освојување на Русија“, туку за нејзин „спас“, затоа што Западот ѝ понудил на Москва таа да ги преземе проверените инструменти на пазарниот капитализам и демократијата. САД потрошиле стотици милиони долари за да ја заштитат Русија од неконтролираното нуклеарно вооружување и да ја приклучат на плодотворната соработка во вселената, истакнува весникот.

Во статијата исто така се наведува дека во Русија доаѓале американски волонтери кои посветиле „бесконечно време“ на подучување на луѓето како да организираат судења со порота, слободни медиуми, берза, политички кампањи и други елементи на отворено и напредно општество. „Американците доаѓаа со најдобра намера“, пишува „Вашингтон Пост“. Се разбира, истакнува весникот, овие западни обиди имале свои недостатоци и поради многу работи можат да жалат, но не и поради клучниот факт дека на постсоветска Русија „великодушно ѝ подадовме рака“, нудејќи ги најдобрите западни вредности и методи. Како што заклучува американскиот весник, рускиот народ треба да ја чуе вистината: „Америка не доаѓаше со цел да ве уништи“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња