Министерството за одбрана на РФ денеска објави на својот сајт фотографии на кои е прикажан без заштитна церада најновиот тенк на платформата „Армата“, кој ќе биде во составот на механизираната колона која ќе дефилира на Црвениот плоштад на Денот на Победата.
„На сајтот на министерството првпат можат да се видат и симнат во добра резолуција фотографии од средниот тенк „Армата“, пешадиското борбено возило „Армата“, самоодната хаубица „Коалиција-СВ“, мобилниот противтенковски ракетен систем „Корнет-Д“, пешадиското борбено возило „Курганец-25“ и оклопниот транспортер „Курганец-25“, се вели во соопштението на министерството што го доби ТАСС.
Фотографиите се достапни на сајтот на Министерството за одбрана на Руската Федерација.
Претходно најновата оклопна техника можеше да се види само покриена со заштитни церади, особено кај тенкот „Армата“ беше покриена неговата купола.
Од Министерството за одбрана исто така соопштија дека во воената парада на Црвениот плоштад ќе земат учество над 16,5 илјади војници, 194 парчиња воена техника, како и 143 хеликоптери и авиони.
На чело на дефилето на механизираната колона ќе бидат тенковите Т-34 и самоодните хаубици СУ-100. Потоа следуваат самоодните хаубици „Мста-С“ и најновата „Коалиција-СВ“, ракетниот систем „Искандер-М“, оклопните автомобили „Тигар“ и „Тајфун“, оклопните транспортери БТР-82А, тенковите Т-90, ракетните системи за противвоздушна одбрана БУК-М2, „Тор-М2У“, противвоздушните ракетни системи „Панцир-С1“ и лансирните ракетни системи „С-400“ на Силите за вселенска одбрана.
Покрај најновата техника на универзалните борбени платформи („Армата“, „Курганец“, „Бумеранг“) првпат ќе бидат претставени најновите примероци на вооружување за десантните единици – борбеното десантно возило БМД-4М и повеќенаменскиот оклопен транспортер „Ракушка", како и мобилниот копнен ракетен систем на Ракетните сили за стратешки намени „Јарс“.
Парадата ќе заврши со прелет на авијацијата на ВВС Русија: хеликоптери и авиони од армиската, воено-транспортната, стратешката авијација, вклучувајќи ги хеликоптерите Ми-35, „Ансат-У“, Ми-28Н, ловците Су-30, Су-35, Јак-130, бомбардерите Су-34, Ту-22М3, Ту-95 и Ту-160.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче