Активисти на организацијата „Руска младина на Америкаˮ вчера, 2 мај, заедно со руски сонародници и ветерани од Втората светска војна, со звуци од воен марш, дефилираа во колона долж брегот во Брајтон бич, Њујорк, пренесува ТАСС.
Тие на Тајм сквер по повод претстојната прослава на Денот на Победата на насобраните им раскажаа дека САД и СССР беа сојузници во текот на Втората светска војна, но и за бројот на советски и руски жртви.
„Руска младина на Америкаˮ организираше и лет на авион над американскиот мегаполис кој влечеше Георгиевска лента долга 30 метри. Активистите на организацијата планираат на граѓаните на САД до 9 мај да поделат вкупно 14 илјади Георгиевски ленти.
„Од 1 до 9 мај активистите ќе поделат ленти во Њујорк. Оваа година планираме да поделиме 14 илјади од овие симболи на Победата, со кои ќе даваме и специјални брошури. Во нив се наоѓа објаснување на значењето на „Георгиевската лента“, како и што претставува Денот на Победата, кој е поразен и кој учествувал во Втората светска војна“, изјави раководителот на Координативниот совет на организацијата на руски сонародници Игор Кочан.
Тој додаде дека досега се поделени 8 илјади ленти, како и дека оваа организација планира на 3 мај да ја спроведе акцијата „Бесмртниот полк“. Во текот на оваа манифестација во која активистите ќе поминат под Бруклинскиот мост со песната „Жерави“, ќе бидат пуштени 100 балони во знак на сеќавање на војниците кои не се вратиле од фронт.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче