САД се вознемирени поради поставувањето руска станица за сателитско следење во Никарагва која е сосем недалеку од американската граница, соопшти „Дојче Виртшафтс Нахрихтен“.
Националното собрание на Никарагва го поддржа поставувањето на станицата за сателитско следење за цивилни намени. Документот предвидува заедничко собирање експериментални податоци, користење на опремата во различни области на науката за вселената, употреба на вселенска технологија, помеѓу другото и сателити. Од страна на Никарагва спогодбата предвидува ставање на располагање на терен за поставување на вселенската опрема, пренесува РИА „Новости“.
Меѓутоа, Америка, во чија непосредна близина ќе се наоѓа вселенската опрема, со сомневање гледа на договорот меѓу Никарагва и Русија. „Администрацијата на Обама ќе го сфати како предупредување поставувањето на сателитски систем пред нејзиниот праг“, пишува германското издание, објаснувајќи го тоа со фактот дека борбата меѓу руската и американската технологија зема замав во вселената.
„Претходно Русите ги изненадија Американците со фотографии на американските шпионски сателити. Тајните служби на САД беа потполно збунети. Алтајскиот оптичко-ласерски центар го забележа целокупното движење на американскиот радарски сателит од 2005 до 2010 година“, се наведува во статијата.
Меѓувладината спогодба со Никарагва за соработка во вселенската сфера ја ратификуваа Државната дума и Советот на Руската федерација на почетокот на јули 2014 година. Спогодбата, помеѓу другото, предвидува распоредување на станица за диференцијална корекција и мониторинг на рускиот глобален навигациски систем ГЛОНАСС.
„Роскосмос” претходно соопшти дека преговори за распоредување на земна инфраструктура на системот ГЛОНАСС се водат со Кина, Куба, Никарагва и Виетнам.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче