Вашингтон треба да иницира рамноправен дијалог со Русија, политиката на „изолација“ на Москва нема да донесе ништо освен зајакнување на постојните жаришта на тензии, изјави американскиот политиколог Стивен Коен во текот на јавната дискусија „Munk Debates” во Торонто, пренесува РИА „Новости”.
Според него, потребата за соработка со Русија е „егзистенцијална вистина” на американската политика. Аргументирајќи ја својата теза, тој го цитираше поранешниот сенатор Даниел Патрик Мојнехен кој изјави дека секој има своја гледна точка, но секој не поседува факти.
„Ова е фактот: светот се наоѓа денеска во многу поголема опасност отколку пред 25 години, кога постоеше СССР. Имаме повеќе нуклеарни земји, а послаба контрола над нуклеарните арсенали. Има повеќе регионални, етнички и религиски конфликти, има повеќе политички екстремизам и нетрпеливост.”
Политикологот наведува и друг факт: според него, ниту со една од суштинските опасности светот не може да се избори без соработка со Русија, без оглед кој е во Кремљ. Дури ни по распадот на Советскиот Сојуз Русија и понатаму е најголема земја на светот по територијата што ја зазема, и е земја која се наоѓа на границата меѓу западната и исламската цивилизација. Русија располага со поголеми ресурси од било која друга земја, од енергетски до водни. И, се разбира, Русија има оружје. Сакала Америка или не, Русија има партнери и сојузници ширум светот, дури и во Европа. Тоа се факти, а не мислења, заклучува Стивен Коен.
Коен го поставува прашањето: дали постои алтернатива на санкциите? Критичарите на Русија сметаат дека оваа земја треба и понатаму да се дестабилизира и да се поттикне смена на режимот. Според него, тие прават три суштински грешки.
„Грешка број еден: во овој глобализиран свет едноставно е невозможно да се изолира Русија, таа е премногу голема. Русија има голем број можности освен Запад. Еден факт: откако претседателот Обама пред неколку месеци изјави дека американската политика има за цел изолација на Русија, Москва потпиша голем број спогодби за економска, политичка, воена и финансиска соработка отколку што потпиша Вашингтон. Русија има кому да се обрати“, смета Коен. Второ, Русија, која е изолирана од Западот, нема да биде помала конкуренција. Таа им се приближува на други држави и може да се сврти на која сака страна, пред сѐ кон Исток.
„Нам ни е потребен партнер токму во Кремљ, не е задолжително да биде пријател, туку партнер кој ги дели нашите основни интереси. За да го постигнеме тоа, ние треба со Русија да водиме рамноправен дијалог во сферата на безбедноста и за сите други прашања“, смета американскиот политиколог.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче