Американскиот политичар од редовите на републиканците Мит Ромни, кој загуби во трката за претседател во 2012 година од Барак Обама, изјави дека сегашниот кандидат за претседател на САД, поранешната шефица на Стејт департментот на САД Хилари Клинтон можела да биде поткупена од Русија. Мит Ромни го изјави ова во програмата на новинарот и радио-водител Хју Хјуит.
Претходно весникот „Њујорк Тајмс“ објави статија во која ги поврза донациите од различни извори во фондот на семејството Клинтон и зделката за купување од страна на „Росатом“ на компанијата „Ураниум уан“ (Uranium One) која има лиценца за експлоатација на уран во САД и Казахстан.
Мит Ромни изјави дека бил „потресен“ од материјалот. Според него, Клинтон можела да ѝ продаде на Русија 20 проценти од американското производство на уран, а потоа да го сокрие тоа со бришење на целата кореспонденција која има врска со таа работа.
„…Мислам, ќе можевме да дознаеме сигурно дали имало поткуп или не, доколку таа не избришеше илјадници електронски писма. Но тоа се многу сериозни факти и тоа изгледа како поткуп“, смета републиканецот
Весникот „Њујорк Тајмс“ напиша дека основачот на компанијата „Ураниум Уан“ Френк Џустра донирал за поранешниот претседател Бил Клинтон повеќе од 31 милион долари откако заедно со Клинтон го посетил Казахстан и победил на тендерот за експлоатација на наоѓалишта на уран во таа земја. Покрај тоа, од 2008-2010 година „Ураниум Уан“ донирала на Клинтонови вкупно 8,65 милиони долари. Во 2010 година Бил Клинтон добил од неименувана „руска инвестициска банка“ 500 илјади долари за настап во Москва. Изданието соопшти дека таа банка ја сервисирала зделката за купување на „Ураниум Уан“ од страна на „Росатом“, што се случило во 2013 година.
На тој начин, според претпоставките на „Њујорк Тајмс“, во фондот на Клинтонови можеле да дојдат и пари од руската влада, исплатени на основачите на „Ураниум Уан“. Притоа изданието не наведува директни докази за тоа дека бизнис-зделката имало некаква политичка позадина.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче