„Гаспром“ ги смета за неосновани приговорите на Европската комисија во рамките на антимонополската истрага за работата на компанијата во ЕУ, се вели во изјавата на компанијата.
„Притоа донесувањето од страна на Европската комисија на „изјава за приговори“ претставува само една од етапите на антимонополската истрага која се одвива во моментов и не значи признавање од страна на „Гаспром" дека е виновен за какви било прекршувања на антимонополското законодавство на ЕУ“, потенцира компанијата.
Во соопштението се вели дека „Гаспром“ строго ги запазува сите норми на меѓународното право и законодавството во земјите каде работи, вклучително и оние норми и закони кои се однесуваат на формирањето на цените на гасот.
„Сметаме дека во рамките на истрагата ќе бидат на соодветен начин запазени нашите права и законски интереси кои произлегуваат како од правото на ЕУ, така и од меѓународното право, како и дека ќе биде земен предвид фактот дека „Гаспром“, основан надвор од границите на јуриздикцијата на ЕУ, претставува компанија овластена согласно руското законодавство со функции од јавно значење и со статус на стратешка организација контролирана од државата“, се вели во изјавата.
„Гаспром" очекува разрешница на ситуацијата со земање предвид на спогодбата постигната претходно меѓу руската влада и Европската комисија.
Европската комисија претходно го обвини „Гаспром“ за злоупотреба на својата положба на европскиот пазар, пречејќи во диверзификацијата на испораките и воспоставувајќи неправедни цени со што го прекршува антимонополското законодавство на пазарите на Централна и Источна Европа.
ЕК смета дека „Гаспром“ ги ограничува можностите на потрошувачите да го препродаваат гасот преку граница, што ѝ овозможува на компанијата да воспоставува неправедни цени за некои земји-членки на ЕУ. „Гаспром" исто така можел да ја злоупотребува доминатната позиција на пазарот, врзувајќи го снабдувањето со гас со добивање слободни обврски за транспорт на гасот од крајните потрошувачи, смета ЕК.
Руската компанија има рок од 3 месеци за да одговори на приговорите на Европската комисија, како и да побара судска арбитража.
Членот на Европската комисија за конкуренција Маргрете Вестагер изјави дека проблемот може да биде решен по пат на преговори и изрази подготвеност да се сретне со претставници на „Гаспром“. Истовремено таа смета дека е прерано да се разговара за можно крајно решение. Покрај тоа, таа негираше дека причините за приговорите на ЕК спрема „Гаспром“ можат да бидат од политичка природа. Според неа,„истрагата е антимонополистички мотивирана“.
Истрагата на Европската комисија во однос на „Гаспром“ почна во септември 2012 година. Аналитичарите сметаат дека доколку се усвојат приговорите на Европската комисија, „Гаспром“ ќе треба да плати 2-3,8 милијарди долари.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче