И покрај повеќевековната ориентација на Црна Гора кон Русија, властите на Црна Гора демонстративно ги прекинуваат сите нови врски со Русија кои беа формирани по распадот на Југославија, изјави новинарот и член на организацијата на руски државјани во Црна Гора Венијамин Стрига.
„Во Црна Гора во последно време се случуваат парадоксални работи. Властите на Црна Гора минатата година соопштија дека се приклучуваат на санкциите против Русија. Хотелиерите не само што не ги спуштија цените за руските туристички агенции, туку се обидуваат и да ги покачат, иако исполнетоста на капацитетите на многу хотели минатата година беше најмногу 40%. Се игнорираат меѓународни договори меѓу Црна Гора и Русија: увозот на стоки од Русија врз основа на таквите договори се врши врз основа на стандардите на нашите земји, додека црногорските власти бараат исполнување на стандардите на Европската унија и блокираат секаква испорака, иако самите се обидуваат несиметрично да извезуваат во Русија што сакаат“, изјави Стрига за „Руска реч на македонски“, коментирајќи ја веста дека руските туристи масовно се откажуваат од резервациите во црногорските хотели.
„Рускиот бизнис не излегува од судовите. Бројот на измами ги надмина сите норми. Заштита од страна на правниот систем практично не постои. Не е подобро ниту на нивото на обичниот криминал: се краде најмногу од „богатите Руси“, при што процентот на решени случаи е незначителен. 80% од судските тужби во Црна Гора вклучуваат руски државјани, но сето тоа е најчесто без резултат. Масовното купување недвижнини од страна на Руси – до 2013 година – се претвори во својата спротивност: над половина од недвижнините, а тоа е речиси 100 илјади, сега е на продажба. Практично веќе дојде до крах на пазарот, затоа што понудата е десет пати поголема од побарувачката“, истакна експертот.
„Состојбата очигледно ја прикажува случајот на натпреварот меѓу репрезентациите на Русија и Црна Гора, кога кон рускиот голман беше фрлен факел. Блогосферата беше преполна со извинувања на црногорските навивачи и изјави на љубов спрема Русија. Додека од страна на официјалните лица следеше молк“, заклучува Стрига.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче