Русија бара НАТО да не се изненадува од активностите на руската авијација

Ситуацијата со пресретнување на авион на Алијансата претставува „производ на натовската политика“, смета Александар Грушко, претставник на Русија во НАТО.

Ситуацијата со пресретувањето на авиони на НАТО од страна на руското воено воздухопловство претставува „производ на натовската политика“, изјави постојаниот претставник на Русија во НАТО Александар Грушко во програмата на „Русија-24“.

„Денеска гледам нагло зголемување на активноста. Ако зборуваме за бројот на летови на воздухопловството на земјите-членки на НАТО во регионите кои се наоѓаат до границите на Руската Федерација и Белорусија, во 2014 година тој број изнесуваше веќе 3000, што е зголемување за двапати. Ако зборуваме за летови на американски извидувачки авиони, во 2014 година тој број беше 140, а во 2013 беше 22“, изјави тој.

„Ние ги придружуваме, ги пресретнуваме за да разјасниме кои функции ги вршат тие авиони. Дотолку повеќе што тоа се случува во близина на нашите граници“, истакна постојаниот претставник. Тој додаде дека зголемена воена активност се појавила уште во 2004 година, откако прибалтичките земји станаа дел од Северноатлантската алијанса.

„Потоа НАТО реши дека треба да воведе режим на патролирање во воздушниот простор на тие земји. И кога ние се заинтересиравме за тоа што се случи, што бараше  толку суштински промени, распоредување на сопствените сили и патролирање, нам ни рекоа дека правилата на НАТО предвидуваат дека секоја точка на воздушниот простор на НАТО треба да биде достапна во текот на мошне краток временски период“, изјави Грушко.

Тој потенцираше дека таа одлука зборува за постоење на два различни стандарди за безбедност – „за НАТО и за сите останати“. Притоа, според Грушко, пресретнувањето на воени авиони претставува обична практика во работата на војската и обично не се изнесува во јавност.

„Ситуација, би рекол,  мошне парадоксална. Во принцип, проблемот не е нов. Летовите на воената авијација, пресретнувањето, тоа не е од вчера. Тоа е практика во работата на војската. Обично сите такви прашања, кога ќе се појават такви ситуации на границата, на пример блиско летање, надлетување, се решаваа по билатерални канали, се даваа соодветни објаснувања. Во јавноста тоа не се изнесуваше, затоа што сите разбираат дека тоа е дел од работата на војската“, објасни Грушко.

„Работата, особено воздухопловната и поморската, се реализира на отворен простор, тоа не се државни територии каде важи државниот суверенитет, затоа можат да настанат определени ситуации“, истана постојаниот претставник. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.