Росатом: Финансирањето на проектот НЕЦ „Акују“ во Турција е приоритет

Руската страна во целост ќе ги исполни своите обврски за изградба на НЕЦ „Акују“, изјави во понеделникот првиот човек на „Росатом“ Сергеј Кириенко, пренесува ТАСС

Руската страна во целост ќе ги исполни своите обврски во рамките на реализацијата на проектот за изградба на НЕЦ „Акују“, изјави во понеделникот првиот човек на „Росатом“ Сергеј Кириенко по разговорите со министерот за енергетика и природни ресурси на Турција Танер Јилдиз, пренесува ТАСС.

„Без оглед на финансиските компликации, обврските за финансирањето на нашата изградба на НЕЦ се реализираат приоритетно. Оваа година ја добивме првата транша буџетски средства во износ од 50 милијарди рубли. Беше купен дел од опремата за да не губиме време на тоа подоцна“, изјави тој. Кириенко истакна дека независно од постојните финансиски потешкотии, „руската страна во целост ќе ги исполни своите обврски во рамките на проектот за НЕЦ и во целосна согласност со меѓувладината спогодба“.  

Реализацијата на изградбата, според него, се одвива во претходно планираниот режим. „Го добивме потврдениот извештај за влијанието врз животната средина. Сега поднесовме документи за добивање на неопходните лиценци, добивме одобрение за зонирање на теренот“,соопшти Кириенко.  

„Работиме за да ја изградиме во Турција најсовремената, најбезбедна и најефикасна нуклеарна централа. Безбедноста на „Акују“ ќе биде заснована на таканаречените постфукушимски барања. Тоа значи дека станицата ќе издржи цунами од девет степени, земјотреси, уривање на авиони во енергетските блокови“, изјави Кириенко. Според него, „сите технологии што ќе бидат применети при изградбата на „Акују“ веќе се користат во Русија и некои странски НЕЦ“. Тој ѝ се заблагодари на турската страна за „укажаната довербата со изборот на руски технологии“.

Во врска со финансирањето на проектот, Кириенко соопшти дека „првичната вкупна вредност на станицата и нејзините четири енергетски блокови изнесува околу 20 милијарди долари“. „Таа се гради според шемата „гради-владеј-користи“. То ест, ние ќе ја изградиме оваа станица и ќе произведуваме електрична енергија во неа. Единствената обврска на турската страна е да ја купува целата таа електрична енергија“, изјави тој.  

Во иднина по пуштањето во работа на сите енергетски блокови, „Росатом“ планира да привлече странски инвеститори. „Росатом“ ќе го задржи контролниот пакет акции, а 49% можеме да им продадеме на надворешни инвеститори. Приоритет за нас е продажбата на акциите на турски компании, но во тој процес може да учествува секој инвеститор“, потенцираше Кириенко.  

Покрај тоа, според првиот човек на „Росатом“, руската страна планира да им префрли на турските компании нарачки за извршување на низа градежни работи во рамките на проектот НЕЦ „Акују“ за сума од околу 6-8 милијарди долари. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.