„Гаспром“ им се закани на противниците на „Турски тек“ со прекин на испораките на гас

Русија е подготвена „да направи пауза“ во испораките за Европа доколку ја принудуваат и понатаму да го пренесува гасот преку Украина, предупреди првиот човек на „Гаспром“ Алексеј Милер, пренесува ТАСС.

„Гаспром“ им се закани со прекин на испораката на гас на оние што се противат на изградбата на гасоводите „Јужен тек“ и „Турски тек“, а сакаат да ја задржат испораката преку Украина. Ова го изјави претседателот на управата на компанијата Алексеј Милер, пишува ТАСС. Тој додаде дека блокирањето на „Јужен тек“ од страна на ЕУ, поради што пропадна тој проект, имало за цел да ја задржи статус-кво ситуацијата по прашањето за транзит преку Украина.

Милер потенцираше дека Русија е подготвена да го изгради „Турски тек“, а дури потоа да ја чека изградбата на инфраструктурата за овој гасовод во Европа. Тоа ќе му овозможи на „Гаспром“ да „направи пауза“, доколку го принудат на тоа.

„Нашата предност е што можеме да направиме пауза, доколку нѐ принудат на тоа. А можеме да правиме пауза мошне долго“, предупреди Милер.

Тој исто така се осврна и на обвинувањата кон „Гаспром“ за нееднаквите цени за европските земји.

„Европскиот пазар на гас е фрагментарен. И цените за секоја земја се предодредени од енергетскиот баланс на секоја земја, од улогата на гасот во неа. Цените исто така се поврзани со тоа колкав удел имаат компаниите на таа земја во создавањето на синџирот на безбедност на претходниот модел на енергетска сигурност кој се реализираше последниве 10 години. Силен пример за тоа е Германија. (...) Ние секогаш се раководевме од германскиот пазар во формирањето на цената на гасот за Германија“, изјави Милер.

Во моментов, според него, „Гаспром“ преминува од европска стратегија на евроазиска. „Таа се формира од нашата работа. Следнава деценија фактор за формирање на цената ќе биде азискиот пазар“, додаде тој.

Како што претходно изјави министерот за енергетика на РФ Александар Новак, Русија не планира да го продолжи договорот за транзит на гас преку Украина по 2019 година. Сите напори, според него, ќе бидат насочувани на изградба на инфраструктура за „Турски тек“.

Гасоводот „Турски тек“ стана алтернатива на „Јужен тек“ откако „Гаспром“ се откажа од него поради противењето на Европската комисија со поддршка на САД која изврши жесток притисок врз земјите-учеснички во проектот.

За основни противници на изградбата на „Јужен тек“ се сметаа Германија и уште неколку европски држави. Конечниот збор го имаше Бугарија, која последна се откажа од проектот. Истовремено, држави како Австрија, Словенија и Унгарија активно ја поддржуваа изградбата на гасоводот.

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња