„Дојче Веле“: Отворањето на иранскиот пазар ветува договори во милијарди за Русија

По укинувањето на меѓународните санкции против Иран, неговиот пазар ќе се отвори за странски инвестиции, а Русија во сферата на воената индустрија и атомската енергија нема рамни на себе, смета „Дојче Веле“.

Најсериозна конкуренција на повторно отворениот ирански пазар на Русија ќе ѝ биде Кина, сепак Москва во цела низа индустриски гранки може да смета на приоритетни позиции, тврди „Дојче Веле“ по анкетата на аналитичарите за перспективите на руско-иранската економска соработка.

„Во договорот за иранската нуклеарна програма која предвидува суштинско намалување на капацитетите на Техеран за збогатување на ураниум во замена за укинување на санкциите од САД и ЕУ, сѐ уште има многу нејаснотии (...). Сепак, без оглед на недефинираноста, руските компании веќе почнаа да го испитуваат теренот за можна соработка со Иран во случај на укинување на санкциите“, информира „Дојче Веле“.

За реализација на заеднички проекти со Иран се подготвени автомобилската, авио и бродоградежничката индустрија. „АвтоВАЗ“, „ГАЗ“ и „КамАЗ“ веќе водат преговори за организирање на склопување на автомобили во Иран. Нафтената компанија „Лукоил“ исто така се подготвува за обновување на соработката со Техеран.  

Според зборовите на професорот на Високата школа за економија Алексеј Портјански, најперспективни области за руско-иранска соработка се земјоделството и енергетиката. Испораките на индустријата за челик во Иран, според неговите информации, можат да пораснат за 60-70%, освен тоа, голем простор за работа се отвора и за железниците.

Аналитичарот за Русија и Блискиот Исток во Delma Institute во Абу Даби Јуриј Бармин тврди дека „во наредните години „Росатом“ сигурно ќе остане најважен играч меѓу странските нуклеарни компании на иранскиот пазар“. Пред сѐ, тоа е продолжението на реализацијата на договорот за изградба на втората фаза на НЕЦ „Бушер“.

Конкурент бр. 1 за Русија ќе биде Кина, тврди шефот на иранскиот оддел на Институтот за ориентални студии на РАН Нина Мамедова. Од своја страна Техеран, очигледно, смета на зацврстување на трговско-економските врски со Западот. Пред сѐ, на привлекување инвестиции, како и на соработка во областа на високите технологии, сметаат аналитичарите.

Истовремено во низа гранки Русија е без конкуренција. Најмногу Москва може да добие од соработка со Иран на полето на воената индустрија имајќи го предвид фактот дека веќе има потпишано договори со Техеран во таа сфера.

„Иран тешко дека ќе почне веднаш да купува оружје од Западот, затоа што недовербата меѓу страните е сѐ уште голема. Затоа Русија има добра шанса да добие договори во милијарди“, тврди Јуриј Бармин.   

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.