Од 25 април до 9 мај рускиот мотоклуб „Ноќни волци“ планира да одржи дефиле низ ЕУ во чест на 70-годишнината на Победата.
Полските моторџии бараат да не им се дозволи влез во државите на Европската унија на членовите на рускиот мотоклуб „Ноќни волци“, за што напишаа на својот Фејсбук-профил, пренесува РИА „Новости“.
„На крајот на април 2015 година руската банда моторџии под називот „Ноќни волци“ планира да ги помине земјите на ЕУ за да се приклучи во Берлин на прославата по повод капитулацијата на Германија во Втората светска војна; оваа „организација“ се смета за криминална од страна на европските власти“, се вели во текстот на соопштението.
Според мислењето на полските моторџии, пристигнувањето на членовите на рускиот мотоклуб во една или друга земја може да се гледа како предвесник на „руска агресија“. „Тие беа во Крим пред да биде окупиран од Русија“, пишуваат активисти на движењето.
„На „Ноќните волци“ треба да им биде забранет премин низ државите на ЕУ“, изјавија тие.
Претседателот на мотоклубот „Ноќни волци“ Александар Залдостанов „Хирург“, иницијатор на движењето „Антимајдан“ кој се наоѓа на списокот на Западот со санкции за руски државјани, на веб-локацијата на движењето напиша:
„За нас нема разлика, нам ни е сеедно дали некому му се допаѓа нашето дефиле или не. Ние не сме банкнота од сто долари за да им се допаѓаме на сите. Затоа ние нема да се откажеме од своите планови. Затоа што, на крајот на краиштата, ние си имаме свои убедувања, ние си имаме свои вредности. Една од тие вредности е Великата Победа – врвот на руската историја!“, потенцира Хирург.
Истовремено тој истакнува дека се сомнева околу тоа дали некому може да не му се допаѓа дефилето. „Големо прашање е дали се тоа „бајкери“ или не се „бајкери“. Такви изјави апсолутно не можат да даваат луѓе кои себеси се нарекуваат така“, изјави тој.
Од 25 април до 9 мај „Ноќните волци“ планираат да одржат дефиле во чест на 70-годишнината од Победата над фашистичка Германија, се вели на веб-локацијата на организацијата. Маршрутата ќе помине низ градовите: Москва, Минск, Брест, Вроцлав, Брно, Братислава, Виена, Минхен, Прага, Таргау, Карлсхорст, Берлин. Во текот на целото дефиле се планира посета на меморијални комплекси на Втората светска војна. На крај моторџиите сакаат да положат цвеќе на споменикот на Воинот-ослободител во Трептов-парк.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче