Премиерот на Грција Алексис Ципрас утре ќе се сретне во Москва со Владимир Путин. Најавени се и средби со премиерот Дмитриј Медведев, спикерот на Државната дума Сергеј Наришкин и патријархот Кирил.
Заменик-министерот на Грција Костас Исихос изјави дека посетата ќе има историско значење поради несогласувањата меѓу ЕУ и Русија и проблемите што настанаа по повод украинската криза. „Европа и Русија се наоѓаат на историска крстосница. Целта на нашата влада е „да се спречи понатамошно продлабочување на конфликтот, да се дојде до почеток на нова пролет во односите меѓу ЕУ и Русија“, како и да започне „нова ера“ на ниво на билатералната соработка во сите сфери - геополитичката, политичката, енергетската, економската, трговската и туристичката, пренесува „Комерсант“.
Се очекува во центарот на вниманието да бидат економските прашања, односно гасоводот „Турски тек“. Позицијата на Атина за овој проект во многу нешта зависи од цената на испораката на гас од страна на „Гаспром“.
Ќе се разговара и за извозот на грчки земјоделски производи во РФ. Атина многупати побара исклучоци од општата забрана за кои од руската влада изјавија дека се можни.
Во текот на посетата на Ципрас може да биде начнато и прашањето на туризмот, односно можно е да се разговара за пораст на бројот на руски туристи во Грција. Владата на РФ е подготвена да ги разгледа прашањата за попуст на гасот и нови кредити, но ќе очекува „повратен гест – особено, на планот на добивање определени активи во Грција од страна на Русија“.
Според Дмитриј Песков, една од темите на разговорите на Путин со Ципрас ќе бидат „односите меѓу Москва и ЕУ за повлекување на политиката на санкции што ја спроведува Брисел и сосема студениот однос на Атина кон таквата политика“. Властите на Грција навистина многупати истапија против санкциите, но ниту еднаш не го искористија своето право на вето во врска со тоа.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче