Претседателот на Русија Владимир Путин на средбата со управниот одбор на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи (РСИП) на 19 март раскажал дека украинскиот лидер Петро Порошенко му предложил „да го земе Донбас“ во состав на Русија, пишува „Взгљад“.
Според информацијата на еден од изворите кој е запознат со содржината на разговорот на Путин со РСИП, рускиот претседател го раскажал следново за својот дијалог со Порошенко: „Тој (Порошенко) директно ми кажа: „Земете го Донбас“. Јас му одговорив: „Да не си полудел? Мене не ми треба Донбас. Ако вам не ви треба, тогаш признајте ја неговата независност“. Порошенко, според зборовите на рускиот претседател, рекол дека властите на Украина не можат да го сторат тоа. Тогаш украинските власти да му ги плаќаат на населението на Донбас пензиите, финансиската помош и да воспостават банкарски систем, побарал Путин.
Еден од учесниците на состанокот кој побара доверливост потврди дека Путин им раскажал на бизнисмените за неочекуваниот предлог на Порошенко да го земе Донбас и за своето одбивање да го стори тоа. „Порошенко ѝ предложил на Русија да го земе Донбас под своја финансиска закрила. А Путин рекол дека за тоа може да стане збор само во случај ако Донбас влезе во составот на Русија, дотогаш Донбас е дел од Украина и сите исплати треба да бидат од украинска страна“, изјави изворот за „Форбс“.
Покрај тоа, според неговите зборови, Путин не верува во почитувањето на Минската спогодба од страна на Украина и очекува заострување на конфликтот – според мислењето на рускиот претседател, украинските власти не сакаат да го решат конфликтот, ами сакаат да ги победат доброволците или да го исцрпат регионот економски. Според неговите зборови, Путин потсетил дека до ден-денес не е донесен закон за амнестија на доброволците, а законот за посебниот статус на Донецката и Луганската област, според мислењето на рускиот претседател, е фикција и никаква автономија не им дава на тие региони.
Истовремено портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека не може ни да ги потврди, ни да ги негира изјавите на изворот, затоа што разговорот на Путин со одборот на РСИП се одржал зад затворени врати.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче