Русија ги користи проблемите на Балканот

Русија го користи проблематичниот Балкан за реализација на своите цели, смета „Гласот на Америка на руски“.

Белата куќа ги нарече милитантниот екстремизам и руската агресија во однос на Украина како едни од најопасните предизвици за националната безбедност на САД. Балканот е регион каде тие закани се преплетуваат, а политичката нестабилност, етничките тензии и кревкоста на економијата ги прават балканските држави особено ранливи, вели „Гласот на Америка на руски“.  

Значителниот процент на Муслимани меѓу населението, како и историските и верските врски со Русија ја зголемуваат чувствителноста на Западниот Балкан во врска со влијанието на надворешните сили. Според Френк Визнер, поранешен амбасадор на САД и специјален пратеник за преговорите на Србија за статусот на Косово, без оглед на тоа што Балканот не се јавува како арена за директни судири, светските проблеми влијаат и на овој регион: „Ја сметам за извонредно важна заштитата на Балканот од соперништвото на големите сили, како и мерките наменети за спречување на ширењето на проблемите на Блискиот Исток на Балканот. Што се однесува до последниот аспект, тоа е прашање за работата на тајните служби на Западна Европа, САД и балканските држави“.

Според податоците на разузнавачката заедница на САД, од почетокот на конфликтот во Сирија во 2011 година во таа земја пристигнале над 20 илјади странски борци. Меѓу нив, барем илјада борци дошле од балканските држави.  

Уште еден од ризичните фактори во тој регион е и стремежот на Русија да го прошири своето влијание. Државниот секретар на САД Џон Кери вака ја коментираше ситуацијата: „Независно дали се работи за Србија, Косово, Црна Гора, Македонија и други места: Грузија, Молдавија, Приднестровје – тие се на линијата на огнот“.

Кремљ се обидува да ги искористи историските врски со Србија за да го задржи своето влијание и активно се стреми да го прошири своето присуство на Балканот.

Србија зависи од рускиот гас – од Русија увезува 82% од вкупниот обем.

Според мислењето на амбасадорот Визнер, како противтежа на тоа влијание Европа треба да го продолжи процесот на интеграција на Србија и Косово во ЕУ, а Грција и Македонија да ги решат соите дамнешни проблеми: „Со решението на овие прашања ќе исчезне и проблематичниот простор на кој Русија може да игра и ќе биде полесно да се одржува хармонијата на Балканот, која им треба на сите заради нивниот просперитет“.

Според мислењето на аналитичарите, за борба со факторите кои Русија ги искористи за реализација на својата цел – слабоста на државните институции, корупцијата и недостигот од економски можности – треба да се прошири помошта за Балканот од страна на Запад и да се забрза зачленувањето на тие земји во Европската унија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња