На состанокот на Руската академија за науки директорот на „Руски железници“ Владимир Јакунин го претстави проектот за сообраќајната маршрута која би ја поврзала Велика Британија со Алјаска и Северна Америка, минувајќи преку територијата на Русија. Новата сообраќајна маршрута во делницата преку Русија подразбира изградба на автопат и брза железница што ќе ги поврзува Азија и Европа. Проектот е под назив Трансевроазиски појас за развој (ТЕПР).
Тоа ќе биде моќен и разгранет сообраќаен коридор кој ќе може да се поврзува со други сообраќајни мрежи и да ги поврзе Атлантскиот и Тихиот океан преку Сибир и Далечниот Исток, изјави Јакунин. Ќе биде изградена нова железничка мрежа според новите технологии за брзи пруги покрај Транссибирската железничка магистрала, како и автопатишта, нафтовод, гасовод, електрична мрежа и водовод.
На развој на проектот заедно со Јакунин работеле академик Генадиј Осипов и ректорот на Московскиот државен универзитет Виктор Садовничи.
Директорот на „Руски железници“ изјави дела овој проект денес е позначаен од кога било и дека ќе ја стави Русија во центарот на развојот на високотехнолошката индустрија. Тој додаде дека западната глобализација веќе не претставува поттик, туку пречка за економскиот, научниот, моралниот и духовниот развој на општеството. „Ова е меѓудржавен, меѓуцивилизациски проект. Би требало да стане алтернатива на сегашниот неолиберален модел кој предизвика системска криза. Овој проект би требало да прерасне во светска „зона на иднината“ и треба да се заснова врз врвни технологии“, изјави Јакунин.
На запад магистралата би можела да се поврзе со европските автопатишта, помеѓу другото и со Европскиот тунел под Ла Манш. На крајниот источен дел на маршрутата, железничката магистрала треба да се одвои од Транссибирската магистрала со еден крак кој би водел до Чукотка, каде што сега не постојат никакви патишта, ни од руска, ни од американска страна. Треба да се изгради и 80 км пат преку Беринговиот теснец (не е прецизирано дали тоа ќе биде тунел или мост) и да се изгради пати до изолираниот град Ном на Алјаска.
Вкупната должина на магистралата би била 20000 км, од кои 10000 би поминувале низ Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче