Република Македонија ќе испрати своја делегација на прославата по повод 70-годишнината од Победата на 9 мај во Москва, изјави денеска министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров.
Министерот истакна дека покана била испратена до 68 раководители на држави и влади и неколку меѓународни организации. Досега се добиени околу 30 потврдни одговори.
„Оваа тема беше разгледувана неодамна на состанокот на организациониот комитет „Победа“ кој се одржа под претседателство на претседателот на Руската Федерација Владимир Владимирович Путин. Ние поканивме 68 раководители на држави и влади, неколку меѓународни организации, меѓу кои се ООН, Советот на Европа, УНЕСКО, Европската унија“, рече Лавров во интервју за програмата „Вести во сабота со Сергеј Бриљов“.
„Околу 30 позитивни одговори веќе добивме. Тоа се практично нашите партнери од ЗНД, БРИКС, Виетнам, Монголија, низа европски земји, балканските држави – Србија, Црна Гора, Македонија, како и Словачка, Грција, Кипар“, истакна шефот на дипломатијата. Според него, минатата година норвешкото раководство изјавило дека планира да дојде на прославата, како и раководителите на УНЕСКО и Советот на Европа.
Од друга страна, меѓу лидерите на земјите кои поради несогласувањето со политиката на Москва околу Украина ја одбија поканата да отпатуваат во Москва за 9 мај се претседателот на САД Барак Обама, канцеларката на Германија Ангела Меркел, премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, претседателите на Полска, Словенија и Бугарија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче