„Санг Јонг“ ја запре испораката на автомобили за Русија, шанса за „АвтоВАЗ“

Заминувањето на производителите на автомобили од рускиот пазар може да претставува поттик за домашното производство, смета претседателот на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи (РСПП) Александар Шохин.

Четвртиот по големина јужнокорејски производител на автомобили „Санг Јонг“ од јануари 2015 година ја запре испораката на автомобили во Русија поради слабиот курс на рубљата, пренесува агенцијата „Ројтерс“ повикувајќи се на претставник на компанијата.

Русија уште во 2013 година беше најголем пазар за „Санг Јонг“, но во 2104 година испораките се намалија за 41%, велат податоците на Корејската асоцијација на производители на автомобили. Концернот нема намера да ги обновува испораките сѐ до зацврстувањето на рубљата. Компанијата смета на зголемување на извозот во Европа и Кина.

Кризата во автомобилската индустрија во Русија трае подолго. Продажбата на нови патнички и чесни комерцијални возила во РФ во февруари се намали за 37,9% (на 128 298 автомобили) на годишно ниво, велат податоците на Асоцијацијата за Европски Бизнис.

Во средата „Џенерал Моторс“ го објави повлекувањето од рускиот пазар на брендот „Опел“, како и на поголемиот дел од моделите на „Шевролет“. Компанијата соопшти и за замрзнување на работата на фабриката на „ЏМ“ во Петербург, како и на договорот за склопување во капацитетите на групацијата „ГАЗ“.

Од одлуката на „ЏМ“ настрадаа и партнерите на американскиот производител: групацијата „ГАЗ“ инвестираше во нивен заеднички проект $10 милиони, калининградската фабрика "Автотор" не го открива износот на инвестиции, но како што претходно беше соопштено, пуштањето во работа на погонот за склопување на „Опел“ возила 2009 година надмина $50 милиони.

Од друга страна, претседателот на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи (РСПП) Александар Шохин истакна дека и покрај негативните последици од заминувањето на автомобилите на „ЏМ“ од рускиот пазар, целата ситуација во автомобилската индустрија може да стимулира раст на производството на рускиот „АвтоВАЗ“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња