Американците предлагаат парадата на Победата да не се одржува во Москва

Американскиот весник „Лос Анџелес Тајмс“ смета дека Киев треба да стане место за одржување на прославата по повод 70-годишнината од победата над Хитлер.

Канцеларката на Германија Ангела Меркел и премиерот на Британија Дејвид Камерон „доволно фер“ ја одбија поканата на Владимир Путин да земат учество во празнувањето на 70-годишнината од победата во Втората светска војна, пишува „Лос Анџелес Тајмс“. Впрочем, светските лидери сѐ уште можат да ги посетат манифестациите планирани за овековечување на сеќавањето на херојството и жртвата на советскиот народ.

Според мислењето на изданието, западните лидери треба да одат не во Москва, ами во Киев. Весникот истакнува дека Црвената Армија го примила главниот удар во борбата против Вермахтот, за што Советскиот Сојуз платил ужасна цена.

Сепак, весникот го обвинува Путин дека последниве години тој се обидува да ѝ ја припише победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна на Русија. Тоа го предизвикало разбирливиот гнев на Украинците и на другите земји од постсоветските простори чие население претрпело ужасни загуби.

Американскиот весник не одрекува дека загубите на Русите биле најбројни, сепак процентуално земено населението на Украина настрадало повеќе, затоа што загубило 25% од своите жители. Затоа изданието го смета Киев за потполно оправдана алтернатива на Москва за одржување на прославата.

Таквиот чекор ќе им овозможи на претседателот на САД Барак Обама и на другите западни лидери да им оддадат почит на милионите војници кои храбро се бореле и ги дале своите животи за да ја запрат воената машина на Хитлер. „Но тие можат да го направат тоа под свои услови, а не под услови на Хитлер“, пишува весникот.

Освен тоа, тоа ќе им покаже на Русите дека нивниот претседател се нашол во изолација поради своите активности во краина. „Тогаш нека се обидат пропагандистите во Кремљ да го скријат  фактот дека во Киев западните лидери му оддаваат почит на советскиот народ – вклучително и на рускиот, кој херојски се борел во Втората светска војна“, пишува „Лос Анџелес Тајмс“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.