Режисерот на „Аватар“ се сомнева дека обвинувањата за плагијат се руски одговор на санкциите

Чеченскиот писател Руслан Закриев го обвини американскиот режисер Џејмс Камерон за плагијат или поради финансиски потешкотии, или по иницијатива на руските власти, изјави претставникот на режисерот Том Кленси, пренесува РИА „Новости“.

Чеченскиот писател Руслан Закриев во четврокот јавно изјави дека има намера да поднесе тужба за плагијат на износ од 1 милијарда долари против режисерот на филмот „Аватар“ Џејмс Камерон. Закриев смета дека режисерот позајмил цел дел од неговиот роман „Тајно оружје“, објавен со отворен пристап во 2002 година на веб-локацијата „Проза.ру“.

Како што соопшти Закриев, во саботата тој добил официјален одговор од Кленси, пренесува РИА „Новости“.

„Во писмото на претставникот на Камерон, Том Кленси, се вели дека намерата за поднесување тужба е предизвикана или од лични финансиски потешкотии, или е иницирана од властите кои на овој начин сакаат да одговорат на санкциите на претседателот Барака Обама против Русија“, раскажа Закриев.

Според него, авторите на писмото му препорачуваат „да ја прекине безуспешната кампања“, во спротивен случај на писателот му се закануваат со контратужба „за клевета и морална штета“.

Самиот Закриев вели дека не го прави ова од материјален интерес, туку дека нему како на автор му е важно да ја докаже вистината. Тој потсетува дека експертска група ја потврдила идентичноста на барем 28 фрагменти од романот со сцени од филмот.

„Јас 55 години се борев за правда и во дадениов случај немам намера да отстапувам, ќе си ги бранам своите права“, истакна Закриев, додавајќи дека долго време пред санкциите – пред три години – ги искажал своите побарувања во врска со авторството.

Според зборовите на писателот, Камерон му одговорил, преписката траела неколку месеци, последниот одговор од режисерот носи датум од април 2012 година. Режисерот ја признавал идентичноста на многу сцени, но истовремено негирал дека се преземени од книгата, истакна Закриев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.