„Рајнметал“ бара компензација од Берлин за пропаднатата зделка со РФ

Германскиот концерн „Рајнметал“ бара компензација од федералната влада на Германија за пропаднат голем договор со Русија, пишува германскиот весник „Зидојче Цајтунг“.

Германскиот концерн „Рајнметал“ бара компензација од федералната влада на Германија за пропаднат голем договор со Русија, и ова е прво барање од ваков тип, пишува германскиот весник „Зидојче Цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung).

Штетата на компанијата е 120 милиони евра, а главната цел на барањето е да се „минимизира штетата“ на акционерите на германската компанија.

„Властите на Германија отворија жешка линија која можат да ја користат оние кои сакаат да дознаат за кои точно категории на извоз во Русија се наложени санкции, а за кои не. Сепак извршниот директор на компанијата „Рајнметал“ Армин Пепергер може и да не се јави на тој телефон, во неговиот случај веќе сѐ отиде предалеку“, ја коментира ситуацијата германскиот весник.

Барањето е на многу начини уникатно. „Во службата за трговија и извозна контрола на ФРГ такви барања досега не пристигале. И ниту една друга економска зделка со Русија не содржела толку многу политички динамит“, истакнува германскиот весник.

„Рајнметал веќе имаше започнато со испораката на опремата. Во Бремен 70 камиони беа натоварени со материјали и целосно подготвени за пат за Русија, но никој не им дозволи да заминат таму“, пишува германското издание.

Воениот концерн „Рајнметал“ планираше да изгради во Мулино (Нижни Новгород) центар за обука за руската армија. Договорот во вредност од 135 милиони евра беше потпишан во 2011 година. До 30 000 руски војници ќе можеа да ја поминат обуката со помош на германска воена техника. Меѓутоа минатата година министерот за економија Зигмар Габриел ја повлече лиценцата за извоз, објаснувајќи го тоа со санкциите на ЕУ против Русија. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња