Русија одлучи од 11 март оваа година да не учествува на седниците на Заедничката консултативна група (ЗКГ) на Договорот за конвенционални вооружени сили, соопшти шефот на руската делегација Антон Мазур на пленарната седница на Заедничката консултативна група, пренесува ТАСС.
Мазур изјави и дека Русија ќе ја замоли Белорусија да ги претставува нејзините интереси во ЗКГ.
Тој објасни дека овој потег од руска страна „не значи дека Русија се откажува од понатамошниот дијалог за контрола врз конвенционалното вооружување во Европа, ако и кога за тоа ќе бидат подготвени нашите партнери“.
Договорот за конвенционални вооружени сили беше потпишан на 19 ноември 1990 година во Париз, а стапи на сила во 1992. Негови првични потписници беа 16 држави-членки на НАТО и 6 држави од Варшавскиот пакт. Договорот воспоставуваше ограничувања за големината на конвенционалните вооружени сили и ја дефинираше бројката на конвенционалното вооружување во Европа.
По распадот на Варшавскиот пакт и СССР се загуби рамнотежата поради проширувањето ан НАТО за сметка на поранешните земји-сојузнички на СССР и неговите составни делови. Москва го потпиша адаптираниот договор, но тој и онака не беше ратифициран од мнозинството европски држави, така што во 2007 година Русија го стопираше важењето на Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче