Филмот на Андреј Звјагинцев „Левијатан“ несомнено заслужува „Оскар“, едноставно неговите конкуренти оваа година се покажаа навистина многу силни – се согласуваат во мислењето германските филмски критичари прашани од Дојче Веле.
Ноќта меѓу неделата и понеделникот се одржа доделувањето на наградите на американската филмска академија „Оскар“. Наспроти многуте очекувања и прогнози, во номинацијата „Најдобар филм од странско говорно подрачје“ победи полскиот филм „Ида“, посветен на холокаустот.
Филмот на Андреј Звјагинцев е „за чудо јасен филм“, изјави уредникот на филмската хроника на весникот „Ди Велт“ Ханс-Георг Родек. „Филмот има несомнено уметнички квалитети: снимен е многу убав, неговата важна компонента е северниот руски пејзаж кој во моите очи се јавува како нем коментар на тоа човечко беззаконие кое е одразено во дејството на филмот. Дали заслужи Оскар? Несомнено!“, изјавува критичарот.
Филмскиот критичар на весникот „Франкфуртер Алгемајне“ Андреас Килб изјави дека доделувањето на „Оскарот“ е далеку од објективно. „Многу често останува само да им се чудите на одлуките, вклучувајќи ги и во категоријата „Најдобар филм од странско говорно подрачје“. Академијата на кинематографски уметности и науки е воопшто мошне чуден елитен клуб, просечната возраст на академците е над 60 години. Тешко е да се дешифрира ребусот од долгорочните преферирања и моменталните впечатоци на тие шест илјади филмски ветерани. Силна беше и конкуренцијата, јас реков дека најсериозен противник на „Левијатан“ е полскиот филм „Ида“ кој беше многу позитивно примен од критичарите. Тој го доби и „Оскарот“, рече критичарот.
Андреас Килб, како и западната критика, го смета Андреј Звјагинцев за прекрасен режисер и продолжувач на традицијата на класичниот руски филм и очигледен наследник на Тарковски.
На дописникот на весникот „Зидојче Цајтунг“ во Москва Јулиан Ханс „Левијатан“ отпрвин му се чинел малку брутален, но потоа го сменил мислењето. „Овој филм има универзално значење. Тоа е во тоа што (…) филмот се свртува кон историјата на библискиот Јов, кон прашањата: зошто ми се случува тоа токму мене, каде е Бог, како и кон вечното руско прашање: кој е виновен“, вели тој.
„Токму поради таа универзалност филмот е интересен“, смета Јулиан Ханс.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче