Антон Силуанов на чело на банката на БРИКС

Државната дума треба денес да ја ратификува спогодбата за Новата банката за развој на земјите од БРИКС.

Денеска Државната дума планира да ја ратификува спогодбата за Новата банката за развој на земјите од БРИКС. Членовите на долниот дом на парламентот се надеваат дека банката ќе почне со работа и ќе успее да го финансира првиот проект веќе годинава.

Како прв на чело на управниот борд на Новата банка за развој основана од земјите на БРИКС може да застане министерот за финансии на РФ Антон Силуанов, соопшти заменик-министерот за финансии Сергеј Сторчак на програмата на телевизијата „Русија 24“. „Привршуваат сите процедури, и доколку успееме да ја одржиме првата седница на бордот, прв претседател ќе биде мојот министер господинот Силуанов“, изјави Сторчак. 

Спогодбата за формирање на Новата банка за развој беше потпишана на 15 јули 2014 година во текот на VI самит на БРИКС во Бразил. Спогодбата предвидува земјите од БРИКС да основаат Нова банка за развој која ќе финансира инфраструктурни проекти и проекти за одржлив развој во државите на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка) и земјите во развој.

Расходите на федералниот буџет на РФ за формирање акционерски капитал на банката ќе изнесуваат $2 милијарди за 7 години. Седиштето на Новата банка за развој ќе се наоѓа во Шангај. Филијала на банката исто така може да се појави во Русија, во Далекуисточниот федерален округ, соопшти претходно Сторчак. Највисок орган за раководење со банката ќе биде Советот на гувернери. На функцијата претседател и потпретседатели ќе бидат назначени претставници од БРИКС.

Прв претседател на банката ќе биде претставник на Индија, прв претседател на Советот на гувернери ќе биде претставник на Руската Федерација“, истакна претходно заменик-министерот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.