Руските пазари на хартии од вредност и девизи живнаа по позитивните вести од Минск, каде што денеска завршија разговорите на „Нормандиската четворка“. Клучните берзански индекси МICEX и RTSI се зголемија за над 3%. Рубљата, исто така, зајакна. Сепак, експертите не брзаат со долгорочни прогнози.
Веднаш откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека по завршувањето на разговорите во Минск на страните им успеало да се договорат за најважното – за примирје – рускиот пазар на акции покажа остар раст. Индексот MICEX скокна за 4%, RTSI – за 3 %. Потоа растот продолжи, во текот на тргувањето RTSI дури покажа и пораст од 5%.
Експертите што ги праша Руска реч на македонски ја нарекоа реакцијата на пазарот на акции мошне „нагла“. Според зборовите на Ана Кокорева од брокерската компанија Alpari, во последно време руските индекси растеа многу бавно, затоа скокот одеднаш за 3-4% значи многу. „Друга работа е што тоа е повеќе шпекулативен пораст, предизвикан од конкретни изјави. Понатамошното однесување на пазарите ќе зависи од тоа дали ќе биде реализирана Минската спогодба или не“, забележува Ана Кокорева. Со неа се согласува и Григориј Бирг од брокерската компанија „Инвесткафе“. Според неговото мислење, засега е прерано да се зборува за стабилизација на рускиот пазар. „Остануваат проблемите во економијата: падот на БДП, високата инфлација, освен тоа, засега никој не зборува за укинување на санкциите“, прецизира г-н Бирг.
Треба да се напомене дека на отворањето на тргувањето, пазарот – и девизниот, и оној на хартии од вредност - очекуваше позитивни вести од Минск. Акциите растеа, рубљата зајакнуваше. Меѓутоа набрзо следеше изјавата на претседателот на Украина за „неприфатливите“ услови на Москва на разговорите во Минск. Ова направи рубљата да падне за 1,7% во однос на доларот. Индексот MICEX загуби 3%, а индексот RTSI - 5%.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче