Обновената „црна листа“ на ЕУ ќе стапи на сила по една недела.

Советот на министри на ЕУ за надворешни работи денеска донесе одлука за проширување на листата санкции, пренесува INTERFAX.RU

Советот на министри на ЕУ за надворешни работи денеска донесе одлука за проширување на листата санкции на ЕУ во врска со украинската ситуација , објави на Твитер претставничката на прес-службата на Советот Сузан Кифер, пренесува INTERFAX.RU.

„Стапувањето на сила е одложено до 16 февруари, за да се даде простор за тековните дипломатски напори“, напиша Кифер.

Таа истакна дека Советот изразил целосна поддршка за процесот, насочен кон подготовка за Минската средба.

Претходно, за тоа дека обновената санкциска листа е усвоена и ќе биде објавена на 16 февруари извести агенцијата Блумберг повикувајќи се на министерот за надворешни работи на Франција Лоран Фабиус.Според него, одлуката за проширувањето на „црната листа“ може да биде ревидирана во зависност од развојот на настаните на истокот на Украина.

Министерот објасни дека за конечно решавање на прашањето за дополнителните санкции можат да влијаат и разговорите на лидерите на Франција, Германија, Украина и РФ, кои ќе се одржат во Минск на 11 февруари.

Претходно дипломатски извор во институциите на ЕУ во Брисел изјави за „Интерфакс" дека комитетот на постојаните претставници на земјите на ЕУ, исполнувајќи ја директивата на Советот на ЕУ од 29 јануари ја усогласи на 5 февруари врз база на предлозите од Европската надворешнополитичка служба и Европската комисија  одлуката за вклучување на „црната листа“ дополнителни 19 физички и 9 правни лица вмешани во украинскиот конфликт. Се очекува за нив да биде забранет влезот на територијата на ЕУ, а нивните средства да бидат замрзнати.

До овој момент на „црните“ листи на ЕУ се најдоа 132 физички и 28 правни лица. Важноста на санкциите за нив е продолжена до септември оваа година. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.