Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц е загрижен од намерата на новата влада на Грција на чело со Алексис Ципрас да соработува со Русија. Ова тој го изјави во интервјуто објавено во неделата на 1 февруари во германското списание „Велт ам Зонтаг“.
„Силно ме загрижуваат плановите за соработка (на Грција) со Русија, изјави Шулц. Тој изрази надеж дека проруската реторика на грчката влада е насочена само кон грчкиот електорат. Според мислењето на претседателот на Европарламентот, на тој начин Ципрас сака да им докаже на избирачите дека на власт дошле нови луѓе.
Зборувајќи за позицијата на Грција во врска со антируските санкции, Шулц истакна: „Му реков на Ципрас: вие барате солидарност од европските партнери, но вашиот прв чекор беше прекинот на солидарноста во надворешната политика; тоа нема да донесе ништо добро. Тој ме разбра.“
На состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ одржан во четвртокот на 29 јануари, министерот за надворешни работи на Грција Никос Коциас инсистираше фразата за воведувањето нови антируски санкции да биде исфрлена од текстот на извештајот. Истиот ден министерот за финансии на РФ во интервју за Си-Ен-Би-Си изјави дека Русија ќе го разгледа прашањето за давање финансиска помош на Грција.
На 16 јануари Министерот за земјоделство на РФ Николај Фјодоров не ја исклучи можноста за откажување на ембаргото за прехранбени производи за Грција во случај на нејзино излегување од Еврозоната.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче