Москва располага со информации кои укажуваат дека украинските сили планираат уште еден обид за насилно решавање на ситуацијата во Донбас. Русија ќе бара од Западот да го спречи ова насилно сценарио на развој на ситуацијата во Украина, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.
„Располагаме со информации кои се многу загрижувачки и кои во моментов ги проверуваме. Според нив, украинската војска во блиска иднина подготвува уште еден обид за насилно решавање на проблемите. Тоа ќе биде катастрофа“, изјави Лавров, а пренесува РИА Новости.
„Постои информација дека е објавена мобилизација, а која украинското раководство ја демантира. Се спомнуваат различни броеви - од 50 до преку 200 илјади лица кои треба да бидат мобилизирани во составот на војската и другите вооружени структури“, додаде шефот на руската дипломатија.
Според неговите зборови, Европската унија во Украина упати мисија која треба да помогне во реализацијата на реформите во цивилниот сектор за безбедност, „која на властите во Украина ќе им помогне да се борат со незаконските одреди на добро обучени и добро вооружени лица кои контролираат значаен дел од украинската територија“.
Тој изјави дека Москва ќе побара од западните земји да спречат примена на сила во развојот на случувањата во Украина. „Без разлика на тоа што се случува во Париз, Сирија, Либија, ние од нашите западни партнери, кои имаат големо влијание врз украинското раководство, ќе побараме да ги проверат плановите и да не дозволат да се уништат кревките надежи за мир кои ги создаде Минскиот договор“, изјави Лавров.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче