Казахстан ѝ предложи на Русија да не користат долари во меѓусебните трансакции

Казахстан се залага за користење на националните валути во меѓусебните трансакции меѓу земјите на Шангајската организација за соработка (ШОС).

Казахстан се залага за користење на националните валути во меѓусебните трансакции меѓу земјите на Шангајската организација за соработка (ШОС), изјави премиерот на Казахстан Карим Масимов на состанокот на Советот на премиери на земјите-членки на ШОС во Астана, Казахстан.

„Сметаме дека е можно користење на националните валути во меѓусебните трансакции“, изјави Масимов. „Имаме разработени материјали на билатерално ниво кои можеме да ги прошириме на ниво на целата организација. Претходно повеќепати истакнувавме дека е неопходно да се реализираат економските проекти кои се во состојба да ја прикажат практичната ефикасност на Шангајската организација за соработка. Затоа се залагаме што побргу да се активираат механизмите за финансиска реализација на проектните активности во рамките на ШОС“.

А за поефикасна реализација на проектот од членките на организацијата неопходна е „финансиска потврда“.

„Се работи за актуелна тема... неопходно е да се договориме на кој начин тоа ќе функционира“, изјави премиерот на Русија Дмитриј Медведев. Според зборовите на Медведев, заедничката банка која се планира да се основа, може да биде формирана врз основа на Евроазиската развојна банка која успешно работи во регионот.

Шангајската организација за соработка е основана во 2001 година, а денес нејзини членки се Русија, Кина, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан. Статус на набљудувачи имаат Монголија, Индија, Иран, Пакистан и Авганистан. Во септември годинава Пакистан и Индија поднесоа официјални барања за членство. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.