Декемвриските посети на рускиот претседател Владимир Путин во Турција и Индија не се спонтани. Тие се дел од детално обмислената надворешна политика на Руската Федерација, смета Фиона Хил, соработник во истражувачкиот центар Brookings Institution.
Концепцијата за надворешната политика на Москва е создавана врз основа на ризиците за економијата на државата кои Владимир Путин ги предвиде уште во 2011-2012 година, смета Хил, т.е. долго време до почетокот на украинската криза, приклучувањето на Крим и западните санкции. Истовремено, поголемиот дел од предвидувањата се поврзани со сѐ поголемата криза во еврозоната, забележува експертот. Путин од самиот почеток на својот трет мандат ги поддржува домашните произведувачи, иницира големи инфраструктурни и одбранбени проекти, ја создаде Евроазиската економија унија како еден вид регионален буфер околу руската економија. Освен тоа, според мислењето на Фиона Хил, тој однапред се обиде да најде колку што е можно повеќе трговски партнери вон Европа.
И покрај тоа што санкциите негативно влијаат на економијата на Русија, рускиот лидер не ги менува своите позиции околу украинското прашање. Освен тоа, тој наоѓа патишта за соработка со државите кои би сакале да го намалат политичкиот и економскиот притисок од страна на САД. Путин веќе долго време посветува внимание на зацврстувањето на врските со државите од Азија, Африка, Латинска Америка и Блискиот Исток, забележува Фиона Хил.
„Во изборот на држави и лидери со кои ќе соработува, Путин речиси секогаш се раководи од економските интереси на Русија. Тој ги избира државите чија индустрија е поврзана со клучните сектори на руската економија, или држави и меѓународни компании кои работат во руската енергетика или рудници, кои плаќаат големи даноци и/или создаваат голем број работни места во Русија“, пишува експертот.
Во последниве години Владимир Путин крајно активно ги развива односите со државите од БРИКС, каде освен Русија влегуваат Кина, Индија, Бразил и ЈАР – држави кои имаат слични економски и политички интереси, и, што е најважно, се наоѓаат надвор од „евроатлантскиот систем“, се кажува во статијата. „Дејствувајќи на овој начин, Путин има намера да биде чекор понапред од Западот и санкциите на САД и ЕУ“, пишува Фиона Хил.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче