Западни медиуми: Аналитичарите зачудени од договорот за изградба на реактори во „Пакш“

Аналитичарите се зачудени од потпишувањето на договор за изградба на два нови реактора од унгарската нуклеарна централа со користење руски технологии. Унгарските чиновници подвлекуваат дека приоритет на Будимпешта е обезбедувањето на енергетската безбедност на државата.

Потпишувањето на договорот за изградба на два нови реактора во унгарската нуклеарна централа „Пакш“ треба да се толкува како „проруски сигнал“ од страна на Будимпешта, пишува The Financial Times, повикувајќи се на мислењето на Андраш Деак, соработник во Унгарската академија на науки, автор на книгата „Политиката на Вишеградската група кон ЕУ и Русија“.

Атомот ѝ ветува енергетска независност на Будимпешта

Руската компанија „Атоменергопроект“ потпиша три извршни договори со унгарската страна, со кои се предвидува изградба, техничко опслужување и обезбедување на нуклеарно гориво за новите реактори во нуклеарната централа.

Како што забележува Financial Times, оваа зделка ќе ги зацврсти енергетските врски меѓу Будимпешта и Москва децении однапред. За овој договор беше соопштено веднаш откако претседателот на Русија објави за прекин на работата околу гасоводот „Јужен тек“. Премиерот Виктор Орбан беше активен поддржувач на овој проект, кој требаше да ѝ донесе на Унгарија целосна енергетска стабилност и работни места. Неговата позиција кон Русија дури предизвикува зачуденост во некои западни држави, најмногу поради намалената способност на ЕУ да има обединет фронт околу економските санкции против Москва, пишува изданието.

Сега аналитичарите се зачудени од потпишувањето на новите договори, бидејќи уделот на веќе постојните реактори во нуклеарната централа во енергетскиот пазар на Унгарија изнесува 50%. Притоа, предвидено е „старите“ реактори да продолжат со работа барем до 2032 година, пишува Financial Times.

Нуклеарната централа „Пакш“ е единствената ваква централа во Унгарија со четири реактори ВВЕР-440. Првиот реактор во централата започна со работа во 1982 година. Во јануари Русија и Унгарија потпишаа договор за изградба на два нови реактора со користење на руски технологии. За реализација на овој договор Русија ќе ѝ даде кредит на Унгарија во висина од 10 милијарди евра. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња