Западни медиуми: влошените односи меѓу Москва и Вашингтон дојдоа и до вселенската индустрија

Влошените односи меѓу Москва и Вашингтон удрија врз соработката во вселенската сфера.

Влошените односи меѓу Москва и Вашингтон удрија врз соработката во вселенската сфера, со што ги зголемија проблемите на американската космичка индустрија, пишува The Wall Street Journal. Како што забележува весникот, Русија е клучен играч во бизнисот за испорака на различни објекти во вселената - од телекомуникациски сателити за западните компании, па до американски астронаути на Меѓународната вселенска станица.

Претходно беше соопштено дека САД планираат да прекинат со купувањето на руските мотори РД-180 за ракетите Atlas 5. Исто така соопштено е дека НАСА планира за три години да се откаже од услугите на Русија за транспорт на астронаути до Меѓународната вселенска станица. Новите вселенски бродови, кои треба да дојдат на замена на веќе застарените шатлови, ќе ги произведуваат корпорациите Boeing и SpaceX.

Американскиот весник ги пренесува зборовите на поранешниот соработник на НАСА Скот Пејс, кој изјави дека соработката меѓу САД и Русија во вселената секогаш била на посебно ниво. „И тоа е многу симболично... Колку долго ќе успее таа соработка да биде изолирана од сѐ поголемите стеги и санкции, не се знае“, додаде експертот.

Пазарот за лансирање комерцијални сателити, кој носи приход од 5,4 милијарди долари годишно, е силно зависен од руските ракети, а со последните политички притисоци се поставува прашањето за функционирањето во следните неколку години, се кажува во статијата.

Во моментов западните компании се надеваат дека украинската криза и американските санкции нема да се влошат дополнително, се забележува во материјалот. „Сѐ може да се измени моментално. Тешко е да се претпостави што ќе се случи“, изјави извор во европската вселенска агенција. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња