Русија ќе создаде сопствена вселенска станица

И покрај предвременото завршување на работата на Меѓународната вселенска станица, Москва е намерена да ги исполни сите меѓународни обврски на станицата до 2020 година.

Во 2017 година Русија може да започне со создавање на своја вселенска станица, пренесува „Комерсант“. Проектот е разработен од научните организации при Федералната вселенска агенција (Роскосмос). Според плановите, се предвидува откажување од рускиот сегмент на Меѓународната вселенска станица до 2020 година. Дел од модулите кои веќе се наоѓаат на МВС, во иднина би можело да се најдат во составот на новата вселенска станица.

Како што изјави извор за „Комерсант“, близок до раководството на Централниот научно-истражувачки институт, новата руска вселенска станица е еден од клучните проекти за развој на пилотираната космонаутика до 2050 година.

Изградбата на руската вселенска станица се планира во периодот од 2017 до 2019 година. „Првоначалната конфигурација ќе биде составена од лаборатории и модули, како и вселенски апарат ’ОКА-Т’“, изјави соговорникот за „Комерсант“.

Експлоатацијата и работата на станицата ќе биде поддржана од вселенските бродови „Сојуз-МС“ и „Прогрес-МС“, а во перидот од 2020 до 2024 година можно е создавање на енергетски и трансформирачки модул за понатамошните мисии на Месечината.

И покрај предвременото завршување на работата на Меѓународната вселенска станица, Москва е намерена да ги исполни сите меѓународни обврски на станицата до 2020 година.

Новата станица би била опслужувана директно од два руски космодрома, со што се исклучуваат политичките ризици од користење на космодромот Бајконур во Казахстан. Исто така, од новата станица ќе може да се гледа 90% од територијата на Русија, а од МВС во моментов се гледаат само 5%. Исто така, една од главните функции на станицата би била подготовка на апаратите и космонаутите за понатамошните мисии кон Месечината. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија