Повеќето Руси се уверени дека државата се движи во правилен правец, изјави Серускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ), а само 17% од граѓаните сметаат дека економската ситуација во државата е добра. Социолозите забележаа намалување на индексите на социјалната благосостојба, чии резултати беа највисоки во текот на летото. Според нив, проблемот е во падот на вредноста на рубљата и цените на нафтата. Експертите забележуваат дека откако Украина не е веќе топ-тема, луѓето почнаа да го насочуваат вниманието на „вистинските проблеми“.
Половина од Русите сметаат дека Русија се движи во правилен правец. Уште 37% „делумно се согласни со тоа“. Секој десетти граѓанин го смета спротивното. Индексот на задоволство од животот летово изнесувал 77 поени, а во октомври падна до 70.
Генералниот директор на ВЦИОМ Валериј Фјодоров смета дека падот на оптимизмот кај Русите е предизвикан со „промената на информативниот фон“. „Нафтата поевтинува, рубљата ја губи вредноста и стана јасно дека санкциите уште долго ќе траат“, изјави тој.
И покрај ова, повеќето Руси (73%) сметаат дека нивната материјална состојба не е добра, но не е ниту лоша, 13% сметаат дека имаат добра материјална состојба, а само 14% изјавиле дека живеат сиромашно.
„Граѓаните веќе го насочуваат своето внимание на вистинските проблеми, а украинската криза полека ја снемува од медиумите“, изјави политикологот Константин Калачев. Според него, ако порано Русите биле загрижени за ситуацијата со патиштата, сега на прво место е растот на цените. „Се менува хиерархијата на проблемите. Наскоро првото место ќе го заземе проблемот со платите кои престанаа да растат“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.