Изјавата на Украина за едностраната демаркација на границата со Русија личи на провокација, смета претседателот на Советот на Федерацијата, Валентина Матвиенко.
Претходно беше соопштено дека Советот за национална безбедност и одбрана на Украина донел одлука еднострано да спроведе демаркација на границата со Русија. Секретарот на Советот, Андреј Паруби, на брифингот во понеделникот изјави дека се работи за изградба на неопходни објекти и еднострана демаркација на границата не само на деловите каде се водат борбите, туку вдолж целата руско-украинска граница. Тој прецизираше дека опремувањето на границата ќе се финансира од државниот буџет и дека претседателот на Украина, Петро Порошенко, инсистира сите работи да завршат во максимално краток период.
„Оваа изјава е уште една потврда за непрофесионализмот, некомпетенцијата и неодговорноста на сегашното раководство на Украина. Сето ова личи на провокација и понатамошна ескалација на конфликтот со Русија“, изјави Матвиенко пред новинарите.
Таа потсети дека демаркацијата на границите се врши е во склад со меѓународните норми и дека истата ја извршува комисија со претставници од двете страни, и во која „секој метар е детално прегледуван“.
Демаркацијата е можна само на билатерална основа, инаку таа граница никогаш не може да биде призната, изјави Матвиенко.
Матвиенко додаде дека е неопходно да се продолжи дипломатскиот дијалог со украинските власти за да се постигне прекин на казнената операција на истокот на Украина и да запре убивањето цивили.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче