Министерот за надворешни работи на Бугарија, Кристијан Вигенин, соопшти дека ќе биде направено сѐ за да се реализира проектот на гасоводот „Јужен тек“, и покрај желбата да ѝ се помогне на Украина и нејзината политичка стабилизација, пренесува ИТАР-ТАСС.
„Бугарија и редица други држави кои се членки на ЕУ не треба да бидат заложници на таа нестабилност - политичка, економска и финансиска. Затоа, ние на прво место ги ставаме интересите на европските граѓани, вклучувајќи ги и бугарските граѓани, и ќе направиме сѐ што зависи од нас за да се реализира 'Јужен тек' во Бугарија“, изјави тој.
Според шефот на бугарското МНР, „независно од нашата желба да ѝ помогнеме на Украина да се стабилизира, гледаме дека ситуацијата таму во долгорочна перспектива тешко дека ќе се подобри“.
„Затоа, ако зборуваме за енергетска безбедност, за нас е важно рускиот гас да протече низ Бугарија. Од гледна точка на вредноста на проектот, за Бугарија тој е многу важен, и ние ќе направиме сѐ што треба за да биде реализиран“, изјави министерот за надворешни работи.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.