Руската Федерација постигна договор со Куба за регулирање на долговите на оваа земја, според кој 90% од долгот од времето на СССР (32 милијарди долари) ќе биде избришан, со што ќе се отвори пат за инвестиции и заживување на трговијата, пренесува агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на руски и европски дипломати.
Според зборовите на изворите, финалната верзија на договорот била потпишана во Москва во ноември. Според него, Куба се обврзува да ги отплати останатите 3,2 милијарди долари долг во текот на следните 10 години. За плановите за преструктуирање на долгот на Куба стана јасно во јавноста за време на посетата на премиерот Дмитриј Медведев во Куба во текот на февруари годинава.
Преговорите за тоа како ќе се исплаќа останатиот дел од долгот продолжуваат. Дипломатите сметаат дека дури и годишните рати од 320 милиони долари се товар за кубанската економија, бидејќи Куба на членовите на Парискиот клуб на кредитори е должна уште 5-6 милијарди долари.
Во последните неколку години Куба активно води преговори со другите држави околу преструктуирањето на својот долг. Така во 2010 година земјата успеа да го преструктуира долгот кон Кина од 6 милијарди долари, а минатата година и со Јапонија, која избриша 80% од долгот (1,4 милијарди долари).
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче