ХИВ епидемијата претставува еден од најактуелните проблеми во Русија. Според последните глобални информации од UNAIDS, во Источна Европа и Централна Азија единствено е забележано зголемување на бројот на заразените со ХИВ/СИДА. Посебно е тешка ситуацијата во Русија: овде живеат 70% од сите заразени во регионот, а во Русија и Украина - дури 90% од заразените во регионот.
Секоја година бројот на ХИВ инфицирани во Русија расте. Заклучно со ноември 2012 година регистрирани се 704.000 случаи на ХИВ заразени. Притоа, треба да се има предвид дека бројот на заразени во Русија кои живеат со ХИВ е барем два пати поголем од официјалниот број.
Во последниве 10 години основна причина за појава на ХИВ инфекцијата во Русија е наркоманијата и нестерилните шприцови кои се користат. 57,6% од сите нови заразени се наркомани, додека во сите останати случаи инфекцијата се пренесува по полов пат.
Денес борбата со ХИВ епидемијата во Русија се води со примена на неефективни профилактички мерки и програми кои се насочени кон пропагандирање на здрав начин на живот, додека светското искуство покажува дека реални резултати се добиваат со програми кои стимулираат, на пример, употреба на нови шприцови и игли, или употреба на препрати кои служат како замена за традиционалната дрога. Програмите за употреба на метадон се користат успешно во 60 држави во светот, и истите функционираат секаде во ЗНД, освен во Русија, Узбекистан и Туркменистан.
Сосема одделна тема е тестирањето за ХИВ во Русија. Основниот проблем овде се состои во тоа што во Русија секоја година се трошат огромни средства, но притоа се тестираат сите граѓани, дури и бабите за време на хоспитализација, а никако претставниците на ранливите групи. На пример, во 2011 година повеќе од 24 милиони тестови биле спроведени за ХИВ, од кои само 1% врз претставниците од ранливите групи.
Неодамна голем интерес предизвика иницијативата на Роспотребнадзор за организирање на првото руско истражување за распространетоста на ХИВ меѓу „мажите кои имаат секс со мажи“ и проститутките. Програми за тестирање на ХИВ меѓу хомосексуалците во странство веќе децении успешно функционираат. Со ваквото тестирање ќе можат да се добијат реални податоци за проширеноста на ХИВ меѓу ранливите групи, што ќе биде мотив за изделување посебни финансии и средства соодветни програми.
Информација:
- Бројот на луѓе кои употребуваат незаконски наркотици во Русија изнесува 5 милиони.
- Во Русија опијати употребуваат околу 1,6 милиони луѓе.
- Според податоците од 2009 година, повеќе од 555.000 луѓе биле на списоците како корисници на наркотици. 70% од нив употребуваат наркотици преку инјектирање.
- Средно земено, 37,2% од луѓето кои користат наркотици преку инјектирање живеат со ХИВ, а во некои региони распространетоста на ХИВ во таа група достигнува 75%.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче