Поранешниот аналитичар Едвард Сноуден, кој живееше повеќе од месец во транзитната зона на Шереметјево, се најде на територијата на Русија - тој доби привремен азил до 29 јули 2014 година. Во Конгресот на САД решението на руските власти го гледаат како „шамар за сите Американци“ и „доказ за крајот на возобновувањето на односите меѓу двете држави“. И Белата куќа за прв пат официјално потврди: давањето азил на Сноуден директно ќе се одрази на плановите на Обама да се сретне со Путин во септември во Москва.
Мотивацијата да му се даде привремен азил на Сноуден ја објаснува парламентарецот на Думата, Вјачеслав Никонов: „Било кое решение би го намалило достоинството на Русија. Ако не му дадовме на Сноуден прибежиште, Русија никој немаше да ја сфаќа сериозно, особено Американците“. А шефот на комитетот на Думата за меѓународни работи, Алексеј Пушков додаде: „Кризата ја создадоа самите Американци. И покрај изјавата на Обама дека „нема да спушта авион поради некој 29-годишен хакер“, САД му го затвори на Сноуден патот и го лиши од можност безбедно да полета, за што сведочи и задржувањето на авионот на претседателот на Боливија. Сега Сноуден може засекогаш да остане во Русија“.
Во Вашингтон, сепак, поинаку гледаат на ова. Извори за „Комерсант“ блиски до администрацијата на САД вчера во еден глас повторија: „Во последниов месец Вашингтон неколку пати напомнуваше дека посетата на Обама во Москва може да не се оствари. Со ова решение Москва не ни остава друг излез“, појасни извор на весникот.
Сепак, повеќето американски експерти сметаат дека решението за укинување на московската средба меѓу Обама и Путин ќе биде „преседан“. „Вакво нешто не се случило уште од времето на студената војна“, изјави поранешната соработничка во NSA во САД, професорот Анџела Стент.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче