Македонска делегација, предводена од премиерот Никола Груевски по покана на Руската Федерација, денес заминува за Москва каде утре треба да го потпише договорот за „Јужен тек“.
Целокупниот проект на гасоводот „Јужен тек“ треба да заврши до 2015 година, кога ќе протечат првите количества гас кон Централна и кон Јужна Европа. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 отсто од вкупните потреби на Европа. Македонија во јули минатата година влезе во проектот „Јужен тек“. Изградбата на гасоводот започна во декември 2012 година.
Според премиерот на Република Македонија за внатрешната инфраструктура има зацртано план за тоа како таа ќе се реализира и истакна дека се планира брз почеток, но сѐ зависи од тоа дали ќе има доволни количества гас.
Одговарајќи на новинарско прашање од каде ќе дојде кракот од Србија или од Бугарија, премиерот Груевски посочи дека тоа ќе биде одлука на Руската Федерација односно на „Гаспром“.
„Ова е исклучително значаен проект за нас затоа што со Јужен тек практично на долг рок се гарантира енергетската стабилност на Република Македонија, се обезбедуваат нови количини на гас, што ќе направат и проектот за внатрешна инфраструктура за пренос на гас во Македонија да добие една поголема смисла“, изјави премиерот Никола Груевски.
Македонија претходно, како што информираше и Руска реч на македонски подготви спогодба со владата на РФ за соработка во создавањето на делот од гасоводот „Јужен тек“ во земјата. Согласно документот, во случај на утврдување на исплатливост за изградбата врз основа на спроведената анализа на Гаспром и на Македонски енергетски ресурси, ќе основаат заедничка компанија за реализација на проектот со еднакво учество (по 50%).
„Јужен тек“ е гасовод, по кој гасот треба да доаѓа до Европа, заобиколувајќи ја Украина. Вкупната должина на трасата на гасоводниот систем ќе изнесува 2.446 километри, од кои 900 километри се морски дел. Проектираната можност на гасоводот изнесува 63 милијарди кубни метри гас годишно.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче